Обвинителството да биде независно, ама партија да го предлага шефот!?

Ако им се дозволи на политичките партии да избираат шефови на кое било јавно обвинителство, тогаш автоматски се отвора врата за политизација на  јавнообвинителскиот систем. Ова го порачаа членовите на Советот за имплементација на Стратегијата за реформи во правосудството откако во јавноста се прошири информацијата дека ВМРО-ДПМНЕ бара да биде сменета Вилма Русковска од позицијата шеф на јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, а на нејзино место да биде поставен човек по предлог на опозицијата.

И републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески не се согласува со барањето на најголемата опозициска партија во земјава, бидејќи, како што објаснува, ако решението го наметнат политичките партии, тогаш тоа ќе значи одземање на надлежностите на Советот на јавни обвинители.

Правните експерти потсетуваат дека Собранието го избира републичкиот јавен обвинител, а Советот на јавни обвинители ги избира сите останати обвинители, па како што порачуваат, во никој случај не смее да се остави простор за политички пазарења, оти во спротивно, додаваат тие, тоа ќе значи свесно кршење на Уставот.

Четири сценарија

Истото обвинителство, со нов обвинител за организиран криминал и корупција, кој може да биде и професор – е барањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ до владиниот тим што предложи законот за Јавно обвинителство.

Опозицијата смета дека треба само да се смени обвинителката Вилма Русковска, понуди четири сценарија за избор на новиот обвинител и во сите опции за избор ВМРО-ДПМНЕ го има последниот збор.

Пратеникот Антонио Милошоски, кој е дел од преговарачкиот тим на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека досегашниот стандарден модел треба да се задржи, односно да остане обвинителството за гонење на криминал и висока корупција како единствено, неподелено обвинителство.

– Во однос на самиот избор, предлагаме методологија што ќе даде сигурност дека нема власта да го има последниот збор и да избере владино подобен обвинител од типот на госпоѓата Русковска, туку опозицијата предлага да се избере една личност од оние што ќе конкурираат. Доколку тој предлог не помине, тогаш се повторува постапката уште еднаш, а доколку теоретски и тој предлог не помине, тогаш опозицијата и владејачкото мнозинство имаат можност заеднички да предложат личност до Советот на јавни обвинители. Доколку и тоа не се случи, тогаш опозицијата го задржува правото да предложи тројца кандидати – истакна Милошоски.

Опозицијата смета дека освен од обвинителската фела, изборот на обвинител би можел да се сведе и на професори.

Премерот Зоран Заев истакна дека секој предлог е вреден за внимание и дека не треба политичарите и партиите да менуваат обвинители кога ќе им текне и да се договараат за нешто што е недозволиво.

– Обвинителката Вилма Русковска има мандат од четири години, досега е обвинител десет месеци. Таа води многу предмети. Не смееме да дозволиме политичарите тајно да се договараат и да изнајдуваат решенија што само ним ќе им бидат во корист – изјави Заев.

Членовите на Советот за имплементација на Стратегијата за реформи во правосудството сметаат дека постапка во која политичките партии, односно кога опозицијата би предлагала јавен обвинител, може да обесхрабри квалитетни обвинители да се јават на конкурсот за шеф на обвинителството.

„Препорачуваме да не се прави исклучок за кое било јавно обвинителство и да се задржи уставниот принцип Советот на јавни обвинители да ги избира шефовите на јавните обвинителство“, соопшти владината прес-служба.

Најголемо зло

Поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски, вели дека влијанието на политичките партии врз изборот на јавните обвинители е најголемото зло што некогаш постоело.

– Најголемата грешка во создавањето на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) беше големото влијание на политичките партии во неговото конституирање. Мешањето на политиката во правото е огромно зло, па наместо правниот орган да се бори против криминалот и корупцијата во државата, тој се бори против политичкото влијание. И власта и опозицијата направија огромна грешка кога ги втурнаа прстите онаму каде што не им е местото. Едноставно, се знае, Собранието го избира републичкиот јавен обвинител, а Советот на јавни обвинители ги избира останатите обвинители. И тука не смее да се остави простор за политички пазарења, бидејќи Уставот е напишан за да се почитува. Влијанието на политичките партии врз изборот на обвинителите нè доведе онаму каде што сме во моментов, на дното – објаснува Ивановски.

И универзитетската професорка Беса Арифи смета дека во овој момент предлогот на опозицијата е крајно неприфатлив.

– Во созреани демократски општества во кои владеењето на правото функционира беспрекорно, разбирливо е да има законско решение според кое предлагач на јавен обвинител ќе биде опозицијата. Меѓутоа, во овој клучен момент, кога повеќето обвинети во случаите водени од СЈО се лица поврзани со најголемата опозициска партија, јасна е целта зошто ВМРО-ДПМНЕ инсистира на барањето тие да предлагаат јавен обвинител што ќе ги гони нивните членови – вели Арифи.

Според професорката, за опозицијата да предлага обвинител, најпрво треба да се исполни клучниот предуслов.

– Тие повеќепати како партија докажаа дека не се дистанцирале од кривичните дела сторени од нивни членови, ниту, пак, на кој било начин придонеле во воспоставувањето правда и на кривичната одговорност. Без претходно да се доживее правна катарза во земјава, при што сите обвинети  да се соочат со ефективна кривична одговорност, нема да се создадат услови најголемата опозициска партија да предлага јавен обвинител без претходно дистанцирање од сите видови на криминал сторени во државава – објаснува Арифи.

Дескоска: Калајџиев не е сериозен предлог на опозицијата

Во политичките кругови се зборува дека професорот Гордан Калајџиев би можел да биде предлогот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кој би можел да ја замени Вилма Русковска на обвинителската функција. Од друга страна, пак, министерката за правда Рената Дескоска тврди дека Калајџиев не е искрен предлог од опозицијата, бидејќи преговарачите на ВМРО-ДПМНЕ досега циркулирале со други имиња.

– Мора да постои гаранција дека лицето што би било предложено од опозицијата по нестандардна постапка од онаа што е за другите, ќе гарантира одредена непристрасност, квалитет, професионалност, стандарди, кои, за жал, не ги препознавме во некои јавно циркулирани предлози од опозицијата. Сметам дека Калајџиев за нив не е предлог за обвинител, бидејќи циркулираат со други имиња и мислам дека тоа е некоректно што му го прават на професорот – рече Дескоска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот