Обвинителството бара притвор за 22-годишниот возач кој ја прегази девојката кај „Сити мол“

Обвинителството побара на 22-годишниот Ј.Ѓ., возачот кој управувал со автомобилот „Цитроен Ц4“ кога вчеравечер беше усмртена младата Викторија Н. од Радовиш, да му биде одреден притвор.
Возачот ќе биде обвинет за тешки дела против безбедноста во сообраќајот со смртни последици, откако вчера удри во двајца пешаци на пешачки премин на крстосницата кај „Сити мол“, при што загина 24-годишната девојка, а нејзиното момче и врсник беше пренесено во болница со повреди.
„Осомничениот, на 20 јануари, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, управувал со патничко моторно возило Цитроен Ц4 по булеварот „Партизански одреди“. Кога дошол до крстосницата со улиците „Московска“ и „Љубљанска“, каде светлосните сообраќајни знаци – семафори биле исклучени од програм и работеле со трепкаво жолто светло, тој постапил спротивно на член 19 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, односно иако бил должен, не обрнал внимание на пешаците на коловозот. Спротивно и на членот 35, приоѓајќи кон обележан пешачки премин, осомничениот управувал со автомобилот со брзина поголема од 50 километри на час, со што бил оневозможен навремено да го запре возилото во случај на потреба. Со предниот дел од возилото удрил во двајца пешаци кои поминувале по обележаниот пешачки премин. Оштетената девојка притоа се здобила со тешки телесни повреди и починала на лице место, додека другиот пешак бил повреден и пренесен во болница“, велат од Обвинителството.
Осомничениот возач ги оставил без помош повредените лица и останал во своето возило до доаѓањето на увидната екипа, велат од Обвинителството.
„Бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност осомничениот да влијае врз сведоците или вештаците и со тоа да ја попречува кривичната постапка, како и оправдан страв дека би можел да го повтори кривичното дело, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор“, се додава во соопштението.
Во меѓувреме, повреденото момче на 24-годишната радовишанка е пуштено на домашно лекување. Тоа имало набиеници на карлицата, соопшти директорот на болницата каде беше прегледан. Се наоѓа во тешка психичка состојба, видно потресен поради вчерашната трагедија. Обвинителството ги побара и снимките од надзорните камери на крстосницата, пишува „А1он“. Телото на Викторија е дадено на обдукција, по што ќе биде предадено на семејството. Кај возачот кој ја усмрти, направено е вештачење на примероци од урина и крв, за да се увиди дали возел во алкохолизирана состојба или со земена дрога.