Обвинителствата кубурат со кадар: Предметите пропаѓаат во „кадровската дупка“

Фото: mia.mk

Процените се дека кадровската дупка единствено ќе се зголемува, изјави за „Слободен печат“ претседателот на Советот на јавни обвинители, Ацо Колевски, по прозивките до  обвинителствата дека се неефикасни. Кај стручната јавност владее генерален заклучок дека голем број од претставките завршуваат во фиоките на обвинителите што резултира со слаба доверба во правосудните органи.

Според податоците, во моментов 70-ина позиции за јавен обвинител остануваат непополнети. Од предвидени 257 вакви места, во земјава како јавни обвинители работат околу 180 лица.

– Тукушто избравме јавен обвинител за Обвинителството во Гевгелија, но кандидатката беше единствената пријавена за трите испразнети позиции. Вакви проблеми нè очекуваат и со јавните обвинителства во Кочани и во Делчево. Новиот закон предвидува сите кандидати да имаат завршено Академија за судии и јавни обвинители, но продукцијата на кадри е ниска. Во моментов обуката ја посетуваат 60 лица, а од генерацијата само 30 од нив се во насоката за „јавен обвинител“. Оваа бројка нема да биде доволна за потребите – изјави Колевски.

Според првиот човек на Советот, најголемиот проблем се создава како последица на природниот одлив, односно заминувањето во пензија, но и немањето желба на обвинителите да го искористат правото на продолжување на работниот однос.

Неколкупати невладините организации причината за неефикасноста ја лоцираа во интегритетот на обвинителите. Од „Зелена лупа“ најавија и дека наскоро ќе ги објават сите имиња на обвинители на чија адреса пристигнале претставки, кои, како што велат, останале во фиока.

За да се подобри и зголеми ефикасноста на обвинителите, вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски вети дека власта ќе им помогне преку формирање и доекипирање на истражните центри. Тој неодамна изјави дека од 23 основни јавни обвинителства, било констатирано дека само четири обвинителства имаат истражни центри кои, иако се оперативни, ги немаат потребните капацитети на истражители, не се екипирани, ниту дигитализирани за да може брзо да ги решаваат случаите и да испорачуваат резултати.

– Истражните центри се очекува да ја олеснат работата на јавните обвинители. Тие се веќе предвидени во Законот и се очекува да бидат врска меѓу ОЈО и Министерството за внатрешни работи. Преку нив ќе се одвива собирањето на неопходните податоци за предметите, а еден ваков функционален центар, особено во Скопје, ни е навистина неопходен – заклучи Колевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот