Обвинителствата ќе се подноват со нови обвинители: Сите сакаат да работат во Скопје

обвинителство ојо

Новите обвинители кои пред еден месец излегоа од Академијата за судии и јавни обвинители, се очекува наредната недела да ги добијат своите работни места. Ова го најавува претседателот на Советот на јавни обвинители, Ацо Колевски.

Најмногу од обвинителите сакаат да работат во скопското обвинителство. За ова обвинителство се пријавиле дури 11 кандидати, иако Советот на јавните обвинители за во Скопје предвидел само 8 места. За некои обвинителства низ државата, како што е кривопопаланечкото обвинителство, не се пријавил ниту еден, иако таму нема кој да го гони криминалот.

– За жал никој не се јави во Крива Паланка, Свети Николе, тоа ни е голем проблем. Имаме спротивни интереси со некои од кандидатите. Меѓутоа пак ќе објавиме оглас – вели претседателот на Советот на јавните обвинители, Ацо Колевски.

Тој очекува овој месец да бидат избрани новите јавните обвинители.

– Штом ќе ги избереме, обвинителите веднаш откако ќе дадат заклетва ќе почнат со работа. Седницата ќе ја закажам во најкратот можен рок за побрзо да заврши целата постапка, а тоа најверојатно ќе биде оваа или наредната недела – изјави за „Слободен печат“ Колевски.

Нови судии во 2020 година?

Пред еден месец на судиите и обвинителите свечено им беа доделени дипломите за успешно завршена Академија, како шестта генерација по ред.

Од Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ велат дека нивните кадри можат да ги пополнат празните места. Директорката на Академијта, Наташа Габер Дамјановска, за „Слободен печат“ вели дека веќе испратиле списоци со имиња на кандидати кои успешно го завршиле образованието во Академијата.

– Како ќе ги изберат кандидатите зависи од Судскиот совет и Советот на јавните обвинтели. Правилата се дека првите тројца најдобри кандидати може да бираат каде да работат. На пример, можеби некој ќе сака да работи во Скопје – изјави директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Наташа Габер Дамјановска.

До крајот на ноември ќе има конкурс и за судии. Ваквата информација за „Слободен печат“ ја потврди претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев. Но за разлика од директорката на Академијата, Габер, тој вели дека новиот Закон за Судски совет не предвидува првите тројца да ги избираат своите работни места, туку, сите кандидати ќе бидат ставени на дополнителна проверка.

– Со новиот Закон за Судски совет, Советот ќе спроведе анкета. Од добиените бодови можно е рангирањето на кандидатите да се смени. Со стариот Закон, листата на кандидати доставена од Акдамијата го обврзуваше Советот да избира суди – изјави Здравев.

Основните судови во Берово, Виница и Крушево имаат најмалку судии. Засега судските власти во овие градови се снаоѓаат со пренасочување на судии за судски процеси од други градови. За ваквиот проблем, Здравев вели дека прават анализи за надминување.

– Правиме анализи за да видиме кој од судовите има приоритет. Проверуваме каде треба да бидат ангажирани 18 судии кои ја завршија Академијата за судии и обивнтели. Ги очекуваме и многу нѝ се потребни – вели Здравев.

Во Обвинителството недостасуваат над 70 луѓе за да го гонат криминалот во Македонија. Во судовите оваа бројка е уште поголема. Таму недостасуваат над 100 судии за да можат беспрекорно да функционираат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот