Обвинителската „чистка“ во мирување, судската на „брза лента“

Кривичен суд / Фото: МИА

Откако меѓусебната контрола на обвинителите за квалитетот на нивната работа не ги даде посакуваните резултати, за поефикасно постапување по претставките и ставањето крај на феноменот „предмети во фиока“, неофицијално и Владата ќе се впушти во одреден вид надзор над ефикасноста во обвинителските редови.

По сѐ изгледа, Јавното обвинителство нема да е органот кој ќе биде надлежен за најавениот од владината говорница – систем за следење претставки и предмети. Од ОЈО информираат дека овој систем, како и мерката од Антикорупцискиот план за зајакнување на истражните центри, ќе доведат до подобрување на нивното функционирање, но додаваат дека деталите сѐ уште не се познати.

– Во тек се подготовки на анализите, кои одат во насока на утврдување најсоодветни и ефикасни механизми за креирање и имплементација на мерката според Антикорупцискиот план – креирање систем за следење претставки и пријави – велат од Обвинителството за „Слободен печат“, без да дадат одговор дали евентуалните пропусти во работата на обвинителите што ќе бидат утврдени од овој систем ќе претставуваат основа за санкционирање.

Додека дел од правната фела смета дека постојниот механизам за меѓусебна контрола на обвинителите не може да вроди со плод, поради колегијалната солидарност, извршната директорка на „Коалиција – Сите за правично судење“, Натали Петровска ѝ дава шанса на новата методологија за прочистување, која првите резултати ќе ги испорача на почетокот на јули.

– Републичкиот јавен обвинител на 30.12.2020 година го донесе новиот Правилник за оценување на работата на јавните обвинители, кој се однесува на периодот 2021-2024 година. Во овој период јавните обвинители ќе бидат оценувани преку 48 предмети, односно по 12 предмети годишно. Останува да се следи неговата имплементација, порача Петровска.

Во меѓувреме, кога „чистката“ во Обвинителството е ставена во мирување, Судскиот совет се пофали со разрешување на дванаесетти судија по новите критериуми. Последна во низата беше судијката споменувана во прислушуваните материјали, Софија Лаличиќ. Таа „падна“ поради казната од две илјади евра што му ја изрече на адвокатот Асмир Алиспахиќ, откако тој на личниот профил на Фејсбук ја нарече „сваровски судијка“. Иако одлуката за казна веднаш потоа беше укината, Судскиот совет утврди нестручно и несовесно работење кај Лаличиќ, а оваа причина кај дел од правниците не наиде на одобрување.

– Не може да разрешите судија за еден предмет, особено не за казна кон адвокат. Ние адвокатите неколку пати сме биле казнувани, а последен пат тоа се случи во судењето за предметот за случувањата од 27 април. Тогаш триесет адвокати бевме казнети, па Судскиот совет вака не реагираше. Така што, сево ова изненадува, загрижува и на извесен начин изгледа како праќање порака за дисциплинирање на судии – смета адвокатот Звонко Давидовиќ.

Од друга страна, министерот за правда Бојан Маричиќ, во емисијата „360 степени“, на прашањето дали овој пропуст е суштински за да се предложи мерка „разрешување“, одговори дека штом единаесет членови на Судскиот совет гласале „за“, тогаш има сериозно образложение за одлуката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот