Обвинителот Донев: Задоволен сум од конечната одлука на Врховниот суд

Потврдени се затворските казни за тројцата осудени за набавката на луксузниот Мерцедес

Обвинителот од тогашното СЈО, Стевчо Донев, кој го застапуваше предметот „Тенк“ во судницата, е задоволен од одлуката на Врховниот суд, со која се потврдени пресудите од Апелациониот суд за Никола Груевски, Гордана Јанкуловска и Ѓоко Поповски.

– Добро е што се донесе конечна одлука од Врховниот суд за осудените од случајот „Тенк“, со што секако се потврдени и изречените казни, изјави кусо обвинителот Донев за Слободен печат.

Токму поранешниот специјален обвинител беше главен застапник на обвинението, а неретко во судницата се појавуваа и неговите помошници за случајот, Фатиме Фетаи, Гаврил Бубевски и Ленче Ристовска.

На прашањето зошто „Тенк“ е еден од ретките случаи покренати од СЈО кои добија финална завршница и во последната судска инстанца, обвинителот Донев кратко одговори дека тоа е комплексно прашање во домашни услови, но фокусот треба да се стави на организацијата на судовите и дејствијата на одбраната.

Во овој случај, поранешниот премиер Никола Груевски, за делото „противзаконито влијание“ беше осуден на две години затвор, а поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, за кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ заработи четиригодишна затворска казна. Со највисока казна, од шест години и шест месеци затвор, беше осуден поранешниот помошник-министер во МВР, Ѓоко Поповски, но потоа му беше намалена висината на казната на четири години и шест месеци. Тој бил надлежен за јавната набавка за луксузниот Мерцедес од безмалку 600 илјади евра.

Од тројцата осудени, единствено Поповски ја отслужува казната затвор. Груевски се наоѓа во Будимпешта и е недостапен за македонските правосудни органи, а министерот за правда Бојан Маричиќ неодамна истакна дека континуирано се испраќаат нови барања за негова екстрадиција до унгарските власти. На Јанкуловска и беше одобрено барањето за одложување на извршувањето на затворската казна, поради малото дете, но одложувањето трае се до моментот кога Врховниот суд ќе ја преиспита пресудата.

– Со донесените пресуди Врховниот суд на Република Северна Македонија ги одби поднесените барања на осудените, поднесени лично од нивна страна и преку нивните бранители и ги потврди пресудите на Апелациониот суд Скопје, соопштија денеска од Врховниот суд.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот