Обвиненијата за изборна измама не го загрижуваат „последниот диктатор во Европа“

Фото: EPA-EFE/SERGEY DOLZHENKO

Сите 110 пратеници избрани на парламентарните избори во Белорусија ги претставуваат партиите кои ја поддржуваат власта и претседателот Александар Лукашенко, а опозицијата ги загуби единствените две места кои ги имаше во претходниот состав на парламентот, пренесе „Недељник“.

Белоруската изборна комисија денес го објави списокот на пратеници кои беа избрани на вчерашните парламентарни избори и сите се од партиите и организациите кои ја поддржуваат власта. Излезноста на изборите беше 77 отсто.

На претходните избори во 2016 година, во составот на парламентот првпат во последните 20 години влегоа двајца пратеници од опозицијат, но овојпат, на двајцата не им беше дозволено да се кандидираат. Бројни кандидати, меѓу кои и некои фаворити на опозицијата беа исклучени од избори бидејќи наводно не ги исполниле административните барања, пренесува Н1.

Опозицијата во земјата вчера обвини за масовни злоупотреби на изборите. Вчера, до половина на изборниот ден, забележани се 500 кршења на прописите.

Организацијата за европска безбедност и соработка (ОЕБС) која испрати 400 набљудувачи на изборите, денес треба да го поднесе својот извештај за изборниот ден.

Политикологот Павел Усов оценува дека излезноста од 77,22 отсто која ја објавила државната изборна комисија е претерана и вели дека граѓаните се помалку излегуваат на избори чиј исход од претходно е познат.

Независниот информативен веб-сајт naviny.by оцени дека „владата ‘плукала’ на опозицијата и формирала парламент по сопствена желба“.

Резултатите за апсолутната доминација на Лукашенко на изборите во Белорусија доаѓаат и покрај обидите за приближување до Европската Унија, која редовно ја критикува земјата за недостаток на демократија. Познавачите на политичките состојби во поранешната советска република велат дека во изминатите години Лукашенко дал поголем простор за опозицијата и ослободил почитички затвореници во настојувањето да ги подобри односите со Западот, по недоразбирањата со традиционалниот сојузник Москва.

Наречен „последниот диктарор во Европа“, Лукашенко ја води Белорусија веќе 25 години. Ниту едни избори од неговото доаѓање на власт во поранешната советска република според оценките на меѓународните набљудувачи не се сметаат за слободни или праведни.

Лукашенко вчера одговарајќи на обвиненијата за изборна измама рече дека народот во Белорусија може да не гласа за него следната година кога ќе се одржат претседателските избори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот