Обвинение против Вучиќ кој рече дека масакрот во село Рачак е измислен од косовските Албанци

Telegrafi

Претставници на семејствата на жртвите на масакрот од 1999 година во косовското село Рачак подигнаа обвинение пред Основниот суд во Приштина против претседателот на Србија Александар Вучиќ, поради неговата изјава дека овој масакр е „измислен” од страна на косовските Албанци и тогашниот шеф на мисијата на ОБСЕ во Косово Вилијам Вокер.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, во кривичната пријава што во име на блиските на 45-те жртви на масакрот во јануари 1999 година ја поднесе адвокатот Том Гаши, српскиот претседател се обвинува дека „намерно предизвикува и шири омраза, раздор и нетрпение меѓу етничките заедници на Србите и Албанците кои живеат во Косово”.

Вучиќ вчера застана во одбрана на поранешниот министер за администрација и локална самоуправа на Косово Иван Тодосијевиќ, кого Основниот суд во Приштина го казни со две години затвор заради „поттикнување национална, расна, верска или етничка омраза, раздор и нетрпеливост”.

Тодосијевиќ е казнет затоа што во март годинава, на 20-годишнината од бомбардирањето на НАТО врз Србија, ги нарече Албанците измамници, ја негира хуманитарната катастрофа во косовската војна, а масакрот во селото Рачак во 1999 година го нарече „измислица”. Уследи негово разрешување, во април, од страна на премиерот Рамуш Харадинај, а нешто подоцна и кривична пријава од страна на косовското обвинителство.

Претседателот на Србија ја оцени одлуката на судот во Приштина како „страшна” и порача дека и тој и сите претставници на најголемата партија на косовските Срби, Српската листа (СЛ), чиј припадник е Тодосијевиќ, ќе продолжат да тврдат дека масакрот во Рачак е фабрификуван.

Вучиќ го обвини за измама и шефот на мисијата на ОБСЕ во Косово Вилијам Вокер, дека лажел кога објави дека српските сили извршиле масакр врз 45 цивили Албанци во Рачак, што беше директниот повод за започнување на воздушната кампања на НАТО врз српски цели во март 1999 година, што заврши со повлекување на српските сили од Косово во јуни истата година.

– Сите членови на СЛ ќе го повторуваат истото и јас ќе го повторам сега – злосторството во Рачак е фабрификувано и се е фалсификувано од белосветскиот измамник, крадец и хохштаплер Вилијам Вокер, изјави Вучиќ во Белград, одговарајќи на новинарско прашање за коментар на одлуката на приштинскиот суд.

Медиумите на албански јазик во Косово забележуваат дека квалификацијата на Вучиќ за Вокер е идентична на онаа на неговиот некогашен партиски шеф, лидерот на Српската радикална странка (СРС), Војислав Шешељ, кој беше осуден на 10 години затвор од Меѓународниот суд во Хаг за воени злосторства во поранешна Југославија.

На изјавите на Вучиќ уследија остри реакции од политичарите во Приштина.

Претседателот на Косово Хашим Тачи на својот Твитер напиша дека властите во Србија „негираат едно од најголемите злосторства врз цивилите што се случило во Европа и кое го потврди и Хашкиот трибунал”.

– Србија мора да се откаже од геноцидната политика, затоа што помирувањето и правдата не можат да се градат врз основа на негирање на злосторствата, порча Тачи.

Косовскиот премиер во оставка Рамуш Харадинај напиша дека масакрот во Рачак во 1999 година го запрепасти светот и оцени дека „патолошката омраза на Вучиќ кон Албанците се покажува и со неговите последни изјави”

– Ваквиот став јасно докажува дека Србија и во институционална форма продолжува бесрамно да го чува геноцидниот менталитет наследен од времето на (некогашниот српски претседател, Слободан) Милошевиќ, напиша Харадинај.

Тој порача дека „Република Косово е мултиетничка држава, која ја сочинуваат Албанците и другите заедници и омразата кон секој етнитет е казнива со закон”.

– Тажно е што Србија, која се смета за држава фаворит од страна на Европската унија, продолжува да ја негува омразата кон Албанците и ги негира своите геноцидни злосторства, напиша Харадинај.

Поранешниот министер за култура на Косово, актуелниот потпреседател и пратеник на досега владејачка Демократската партија на Косово (ПДК), Мемли Красниќи порача дека не може да стане збор за нормализација на односите на Косово со Србија, се додека на чело на таа држава е Вучиќ, кого го нарече „лудак”.

Красниќи преку објава на Твитер вели дека е срамота за претставниците на Европската унија (ЕУ) што не реагираа на „ужасните навреди” од страна на Вучиќ изречени по вчерашната пресуда на судот во Приштина за пресудата за Тодосијевиќ.

– Како можеме да говориме за нормализација на односите со Србија, кога таа земја ја води еден лудак, кој јасно ги негира геноцидот и масакрите врз цивилите кои се отворено вршени во Косово?! Покрај тоа, срамно е за сите официјални лица од ЕУ нереагирањето на овие ужасни навреди, напиша Красниќи.

Меѓудругите, на изјавата на Вучиќ реагираше и вршителот на должност шеф на косовската дипломатија Беџет Пацоли, кој на својот Твитер ја осуди политиката на негирање на воените злосторства од страна на српскиот претседател и официјален Белград.

– Ова е против жртвите и помирувањето, напиша Пацоли.

Амбасасдорката на Косово во Вашингтон, Вљора Читаку напиша дека „изјавите кои го негираат злосторството се срам за Србија, а изјавата на Вучиќ ја нарече „тотално лудило”.

– Рачак беше трагедија која му го откри на светот вистинското дивјаштво на српскиот режим во Косово. Срам за Србија, напиша Читаку.

Адвокатот на Тодосијевиќ, Небојша Влајиќ ја оцени пресудата како „скандалозна” и најави жалба.

– Пресудата е скандалозна. Таква казна за вербален деликт не постои дури ни во стара Југославија и тоа кажува каква е состојбата и човековите права и слободи во Косово, особено за малцинствата, изјави Влајиќ за косовските медиуми на српски јазик.

На вчерашната пресуда на приштинскиот суд реагираше и директорот на канцеларијата за Косово при Владата во Белград, Марко Ѓуриќ, кој порача дека сите Срби се солидаризираат со Тодосијевиќ. Партија, пак, на поранешниот министер, Српската листа, најави дека, доколку апелацискиот суд ја потврди казната од две години затвор, ќе ги повлече своите претставници од сите косовски институции.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот