Обвинение против Борис Стојменов за градењето хотел „на диво“ во центарот на Скопје

Основното јавно обвинителство поднесе обвинение против бизнисменот и поранешен пратеник и министер за финансии, Борис Стојменов, за градење на диво на хотелот „ТЦЦ Плаза“ или поранешно „Беко“ во строгиот центар на Скопје.

Објектот се градеше речиси четири години, откако инвеститорот започна да го подига без одобрение за градба од Општина Центар. Општината пред две години поднесе кривична пријава против Борислав Стојменов и фирмата „БС Консалтинг“ во Обвинителството, од каде конечно е поднесено обвинение.

Од Обвинителството велат дека е поднесен обвинителен акт против едно физичко и едно правно лице, кои се товарат дека сториле кривично дело – Бесправно градење од член 244 – а од Кривичниот законик.

„Обвинетиот, како одговорно лице – управител во правното лице, почнувајќи од 2018 година, без правосилно одобрение за градење издадено од надлежен орган, во име и за сметка на правното лице како инвеститор градел деловен објект на сопствено земјиште на улицата Даме Груев, Општина Центар“, велат од Обвинителството.

За предметните две катастарски парцели, обвинетиот во 2016 добил Одобрение за градење, кое се однесува на доградба и надградба на тогаш постоечкиот објект поранешна стоковна куќа „Беко“ со ширина од 28,5 метри и должина од 42,5 метри.

„Со стручно мислење за неисполнување на карактеристиките за носивост на доградбата и надградбата, во 2018 година тој обезбедил Одобрение од Општина Центар за отстранување на постоечкиот деловен објект. Откако го урнал објектот, без да добие ново одобрение за градење, на лице место започнал и градел нов објект со димензии од ширина 61 метар и должина 34,5 метри. Од градбата со нови димензии, која била проектирана како деловен објект со намена Б-5 хотелски комплекси од втора категорија на градби, без соодветно одобрение биле изградени две подземни нивоа“, се вели во обвинението.

Објектот на ТЦЦ „Плаза“ во времето на екградоначалникот Андреј Жерновски добил дозвола за доградба и надградба на објектот. Но, при почетокот на градежните работи му било кажало дека темелите на објектот нема да ја издржат надградбата, па затоа го урна, со намера да го гради одново од темел. За да го направи тоа, на Стојменов му беше потребна нова дозвола за градба, а општина Центар во меѓувреме го воведе мораториумот за градење, па тој не смееше да гради и не доби дозвола.

Но, наспроти ова, во мај 2019 Стојменов ги почна градежните работи, кои потоа неколкупати беа прекинувани од Општина Центар, но продолжуваа. Објектот е стигнат до приземје и се поставуваат арматурите за кревање на катовите.

Стојменов пред две години тврдеше дека му биле барани милион евра за дозвола за објектот, што тој го одбил, затоа што „не им дава мито“.

Инвеститорот Стојменов во меѓувреме поднел до Општината идејно решение за да добие дозвола за градба, но како што велат од Општината, тоа е одбиено бидејќи според законот не може да се даде дозвола за објект што веќе делумно е изграден. Тоа значи дека инвеститорот може да добие градежна дозвола само ако го урне досега изграденото и потоа поднесе ново барање.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот