ОБСЕ/ОДИХР: Предвремените парламентарни избори генерално добро спроведени

Предвремените парламентарни избори во Северна Македонија беа добро организирани и покрај пандемијата, но правната несигурност остава простор за загриженост. Денот на гласање помина мирно и покрај одредени технички предизвици поврзани со известувањето за резултатите, се наведува во прелиминарната оценка за изборите на меѓународниот набљудувачки тим на ОБСЕ/ОДИХР.

Во прелиминарниот извештај се наведува дека изборите беа генерално добро спроведени и кандидатите можеа слободно да водат изборна кампања, но правната сигурност беше поткопана поради значајни промени на законската рамка и последователните владини уредби со законска сила.

-Ова се многу предизвикувачки времиња за одржување избори и ги препознаваме напорите на властите да се прилагодат на новите околности. Сепак, постојат неразјаснети прашања околу Изборниот законик, и процеси кои често доведуваа до политички договори во последен миг. Властите треба да посветат сериозно внимание на овие прашања пред одржување на следите избори, рече шефот на ОДИХР специјалната мисија за проценка на изборите Лаима Андрикиене.

На новинарско прашање таа појасни дека прифатлива временска рамка за вакви промени во изборната легислатива, а тоа се однесува и на сите членки на ОБСЕ, би била најмалку една година пред одржување на изборите.

Како што подвлече, законската рамка беше суштински изменета непосредно пред распишување на изборите, што, истакна, е спротивно на меѓунаодните добри практики. Додаде дека континуираните неконзистентности и двосмислени формулации ја поткопуваат правната сигурност и се уште им е потребна суштинска ревизија.

На прашањето да го искоментира вчерашниот пад на системот на Државната изборна комисија (ДИК), Андрикиене рече дека тоа е многу важно прашање, тие ги следат настаните, свесни за техничките потешкотии и ќе продолжат да ја следат ситуацијата.

Во однос на медиумската покриеност, шефот на Мисијата истакна дека кандидатите имаа можност вистински да се натпреваруваат и да ги пренесат пораките иако, вели, кампањата се карактеризираше со негативна реторика на сметка на суштински дискусии за политики.

-На медумското извесување за изборите генерално му недостасуваше критичка анализа на платформите, а правилата за политичко рекламирање ги фаворизираа трите најголеми политички партии, истакна таа.

Според оценката на ОДИХР, Изборната администација ја заврши својата работа во рамки на законските рокови и покрај компликациите предизвикани од суспендирањето на изборниот процес.

-Денот на гласање помина мирно и покрај одредени технички предизвици поврзани со известувањето за резултатите. Сепак, долгогодишните структурни прашања поврзани со составувањето на избирачкиот список останаа неадресирани, посочи таа.

Во однос на избичакиот список и регистрацијата на гласачите, Андрикиене појасни дека тоа е една од темите кои што ги набљудуваат и вклучена е и во нивната прелиминарна изјава, а тоа е дека 1,8 милиони гласачи се чинат многу.

-Сите наши согорници со кои се сретнавме во овие 3-4 седмици повторуваа дека бројот на луѓе кои живеат во земјава е многу помал. Така што многу е јасна препораката – Избирачкиот список треба да биде точен, да биде веродостоен. Тоа ќе и помогне на земјава во идните избори, порача Андрикиене.

Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР ќе остане да го следи развојот на настаните по денот на изборите по однос на поплаките и жалбите од страна на политиките партии и ќе остане во земјава согласно мандатот што истекува на 23 јули.

Мисијата ги следеше сите аспекти на изборниот процес. Основниот тим на ОДИХР го сочинуваа девет члена од девет земји-учеснички во ОБСЕ, а на денот на изборите имаа акредитирано 26 набљудувачи, во кои спаѓаат меѓународните експерти и националниот персонал за поддршка.

Конечен извештај со заклучоци и потенцијални препораки, како што најави и во предизборното интервју за МИА, шефицата на Мисијата, Андрикиене повтори дека ќе биде објавен околу осум недели по денот на изборите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот