Образованието е сила, ама нашево нѝ ги уништува децата

Фото: Слободен печат/Ана Анастасовска

Македонија е рангирана на 67 место од минатогодишното меѓународно тестирање ПИСА на средношколци на возраст од 15 години. Ова според мене, денеска е веста на денот, не Боки, не Зоки, не Катица.

Македонските средношколци се оценети со 393 бодови за читање, 394 за математика и 413 за природни науки. Тестирањето е спроведено во 79 земји.

Од европските земји најдобра е Естонија, која е на петто место, а државите во регионот, сите, освен Косово (75 место), се рангирани пред нашата земја – Словенија (21), Хрватска (29), Србија (45), Црна Гора (52) и Босна и Херцеговина (62).

На прв поглед кога ќе ја прочитате веста, си викате, нашиве деца најнеписмени од сите, ништо не учат. Но се прашувате ли кој е крив за тоа? Крив е образовниот систем кој не памтам некогаш да бил волку лош, особено онаа европска програма Кембриџ која на голема врата се внесе во македонското образование во времето на „европскиот лидер“ Груевски и остана и понатаму да ни ги отупавува децата.

Многу од професорите во средно образование, во неформален разговор, коментираат дека децата од основно кога ќе дојдат во средно школо имаат големи тешкотии да го совладаат материјалот, а тоа е затоа што немаат добра подготовка во деветолетката.

Што учат нашите деца во основно? Учат, ама се наопаку. Учат англиски јазик, а не ја знаат кирилицата. Учат множење и делење, ама не на оној простиот начин на кој учевме ние „заостанатите“, туку сега учат на некој модерен начин со разложувања, па собирања, па додека дојдеш до резултатот, забораваш од кај си почнал. Не знаат линијар и шестар да држат во рака до шесто одделение. Учебниците им се бесплатни, ама распарталени, нови нема, па наставничките наместо да им објаснуваат и предаваат на часовите, се принудени да им диктираат цел час. Кој сфатил сфатил, кој слушнал, напишал, кој не, ќе учи тоа што стигнал да го напише. Имаат предмет работа на компјутер, ама немаат компјутери.

Во превод, учат, ама никако да научат.

Друга приказна е тоа што децата наши се преоптоварени со милион предмети, со милион тестови и со оценки, кои во нашата држава имаат најголемо значење. Не учењето, оценките се тие кои се вреднуваат кај нас. Затоа и образованието се сфаќа како трка по петки, а не по знаење. А зошто е тоа така? Затоа што ги укинаа тестовите за прием во средните училишта, а децата се запишуваат и бодуваат врз основа на постигнатиот успех од основното образование. Па така, во популарните гимназии секој септември имаме навалица од петкаши, за кои нема место од што се сите „напумпани со знаење“.

Се додека во државава не се смени ништо во образовниот систем, нашите деца ќе бидат на дното во Европа по знаење. Владата мора под итно да ги засука ракавите и да направи еден длабок рез во образованието. Точно е дека иднината на секоја држава е токму во младите, но сегашноста е наша.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот