Обнова на обиколницата кај Кочани, 330 милиони евра за патиштата во Источниот регион

Механизација и работници на градежното претпријатие „Гранит” денеска почнаа со гребење на коловозот и со поставување нов асфалтен слој на обиколницата кај Кочани, што е дел од магистралниот пат А3.

Се работи за проект на Јавното претпријатие за државни патишта и на Министерството за транспорт и врски, а со кој е предвидена целосна реконструкција на обиколницата, изградена пред околу три децении. Во придружба на градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев, увид во текот на градежните работи направија министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов.

-Со градежните работи ќе се рехабилитира асфалтниот слој на обиколницата, чија должина е околу 6,5 километри и ширина од седум метри, а освен тоа ќе се санираат и трите моста во нејзин состав. Со тоа ќе се рехабилитира една важна делница која е многу фреквентна и е дел од сообраќајното поврзување на нашата држава со соседна Бугарија и корист ќе имаат не само жителите на Кочани, туку на целиот регион. Планираниот рок за завршување на градежните работи е до крајот на октомври, поради што очекуваме учесниците во сообраќајот да имаат разбирање и трпение поради краткотрајните застои, истакна директорот Китанов.

Министерот Сугарески рече дека со рехабилитацијата на обиколницата на Кочани ќе се заокружат планираните зафати во сообраќајната инфраструктра за оваа година во источниот дел од државата.

– Во овој регион вложуваме над 330 милиони евра за изградба на сообраќајната инфраструктура, како во делот на екпресните патишта, така и во рехабилитацијата на постојните магистрални и регионални патишта. Освен обиколницата, веќе е завршена реконструкцијата на дел од патната мрежа Кочани – Пониква, потоа Виница – Берово, како и до граничните премини кај Делчево и кај Берово. Во моментот се работи на реконструкција на преку 30 регионални патишта во државата, а уште десетина ќе продолжат за околу две недели. Се работи за сериозна бројка од околу 600 километри патна мрежа и со почнатата динамика тие во целост ќе бидат завршени – истакна министерот Сугарески.

Градоначалникот на Кочани, Илијев упати благодарност што после подолг период се рехабилитира обиколницата, при што истакна дека заедно со реконструкцијата на патот кон Пониква, за само една и пол година општината добила значителна поддршка од државата во сообраќајната инфраструктура. Притоа нагласи дека во нареднито период очекува финансиска помош од ресорното министерство за проектот за реконструкција на главниот цевковод од водоводната мрежа на Кочани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот