„Обнова на Европа“: Бугарија да престане да го блокира почетокот на пристапните разговори

Фото: EPA-EFE/VASSIL DONEV

Загриженост за приговорите на бугарската влада и силна поддршка на европскиот пат на Северна Македонија, изразува либерално-демократската група „Обнова на Европа” во Европскиот парламент.

Според „Обнова на Европа”, процесот на пристапување во ЕУ не треба да се користи од земјите-членки како моќ за добивање отстапки од соседите или за притисок за популистичка и националистичка агенда од домашни политички причини.

– Крајно време е да почнат разговорите за пристапни преговори меѓу Европската унија и Северна Македонија. Граѓаните на Северна Македонија чекаа доволно долго. Во име на Групата Обнова на Европа, го повикувам Советот да ги усвои рамките за преговори што е можно побрзо, а особено Бугарија да престане да блокира и да го одложува почетокот на пристапните разговори. Среде пандемија, за Северна Македонија е поважно од кога било да го забрза процесот на реформи што ќе доведе до толку потребниот социјален и економски развој, рече Дачијан Чолош , претседателот на Групата за „Обнова на Европа” пред видео-конференцијата на министрите за европски прашања кои ќе разговараат за состојбата на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија.

Европратеникот Илхан Ќучук од Движењето за права и слободи, кој воедно е известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, рече дека е многу е разочарувачки што Бугарија и Северна Македонија не можеа да најдат компромис и дека официјалниот почеток на пристапните преговори е блокиран.

– Тоа е безизлезна ситуација, која го поткопува целиот процес на евроинтеграција и не им служи на граѓаните на Северна Македонија. Бугарија и Северна Македонија се две многу блиски земји, кои делат заедничко минато и треба да делат заедничка иднина во ЕУ. Се разбира, дискусиите за историјата не се лесни и мора да продолжат со текот на времето, но главната одговорност ја имаат политичарите, кои мораат да покажат лидерство, појасни тој.

Исто така, Либерал-демократите од Југоисточна Европа обединети во мрежата ЛИБСЕЕН и дадоа безрезервна поддршка на Македонија.

На вондредна седница на Управниот одбор на ЛИБСЕН (LIBSEEN – Liberal South East European Network) заедно со лидерот на Евролибералите АЛДЕ, Ханс ван Бален се разговараше за состојбите во регионот, секако и за македонските евроинтеграции. Од страна на сите учесници уште еднаш беше искажана безрезервна поддршка за процесот на интеграција на земјава во ЕУ, а во исто време, беше изразен револт за најавеното вето за отпочнување на процесот од страна на Бугарија. Според сите учесници, бугарската влада не постапува во духот на добрите меѓународни односи и првенствено во интерес на нивните престојни парламентарни избори, пренесе претседателот на ЛДП, Горан Милевски.

-Дека треба да почнат пристапните преговори говореа и претставниците на сестринската бугарска либерално-демократска партија ДПС (Движењето за права и слободи), чии пратеници впрочем и не гласаа за последната резолуција на бугарскиот парламент со кои сесловенските просветители и нивото дело би се прогласиле за исклучиво бугарски, дополни Милевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот