Објавено е француско издание со есеи на Горан Стефановски

По иницијатива на париската установа „Куќа на Европа и Истокот“ (Maison D’Europe et d’Orient), а со поддршка на францускиот Национален центар за книгата, македонското Министерство за култура и на Универзитетот „Крајст Черч“ од Кентербери, францускиот издавач „За момент“ (L’espace d’un instant) објави избор од единаесет есеи на македонскиот писател Горан Стефановски со наслов „Пофалба на обратноста“ (Éloge du contraire).

Приредувач на изборот и автор на предговорот е универзитетскиот професор Иван Додовски, а преводот на француски јазик го направи Марија Бежановска. Изданието содржи и посебен осврт за Горан Стефановски од универзитетската професорка Фроса Пејоска-Бушеро.

Како што соопштува Иван Додовски во предговорот на книгата, „ова француско издание е уникатно, бидејќи содржи избрани есеистички текстови (повеќето во форма на беседа или јавно излагање) објавувани посебно, во последните две децении од животот на Горан Стефановски“.

Тоа е период кога тој се свртува кон промислување на европскиот цивилизациски простор од перспективата на неговото претходно творечко искуство во македонски, југословенски и постјугословенски контекст.

– Светот на идеите од драмите на Горан Стефановски“, истакнува Иван Додовски во предговорот, „е неизбежно присутен и во неговите есеи“, кои претходно не биле објавени во една книга. „Некои од нив се ‘пригодни говори’, иако во нив нема ништо од клишето на пригодноста… Публиката на која ѝ се упатени овие обраќања е, главно, западноевропска.

Исклучок прават пристапната беседа ‘Нашата приказна’, искажана во Скопје по повод приемот на Горан Стефановски за дописен член на Македонската академија на науките и уметностите, и есејот ‘Пофалба на обратноста’, кој е своевиден тестаментален текст напишан на фонот на драматичните политички превирања и внатрешни општествени конфликти во Македонија во 2015 година – објаснува Додовски.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 164, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 28-29 јануари 2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот