Објавени правилата за однесување на онлајн час: Без „финти“ од учениците, наставниците смеат да „бркаат“ од час

22 септември 2020, Скопје / Фото: Драган Митрески - Слободен печат

Првото полугодие од учебната година која започна по нов терк од први октомври речиси е при крај,  а учениците веќе ги добија и првите оценки во електронскиот дневник, Министерството за образование и наука дури пред неколку дена до сите основни и средни училишта во земјава испрати правилник со препораки за однесување на учениците и наставниците за време на наставата од далечина.

Самите ученици и наставници од стартот на учебната година се соочија со многу предизвици – проблеми со интернет, паѓање на платформата за работа, проблеми со оценувањето, а сега од МОН имаат и подготвени препораки и правила за тоа како треба да изгледаат онлајн часовите.

Камерите да бидат вклучени за време на часовите, забрането е снимање

Се препорачува сите камери да бидат вклучени за време на онлајн часот, освен доколку поради технички причини (слаба конекција или чести падови на истата) наставникот не наложи поинаку, стои во објаснувањето од МОН.

Она што може да се забележи е дека и овде важат истите правила како при регуларната настава, односно при онлајн часовите не се дозволени меѓусебни разговори за време на часот помеѓу учениците, преку вербална или електронска комуникација, а микрофонот на учениците треба да биде исклучен додека наставникот предава.

„Микрофонот на учениците е потребно да биде исклучен за времетраењето на онлајн часот (опција “mute”), освен кога ученик одговара на поставено прашање од наставникот, поставува прашање заради нејаснотии поврзани со наставната материја во времето од часот кој ќе го определи наставникот“, стои во правилникот.

Покрај ова, забрането е и снимање на онлајн часот од страна на некој од учениците или од самиот наставник.

Наставникот може да избрка ученик од онлајн час исто како и при типична настава

Слично како и при редовните часови во живо, доколку некој ученик се однесува недолично или на кој било начин го попречува нормалното одржување на часови, наставникот има право да го отстрани од онлајн предавањето.

„Наставникот може да отстрани ученик од онлајн час доколку ученикот на кој било начин го попречува одржувањето на часот, се однесува недолично, вулгарно или дискриминирачки, употребува непристојни зборови и/или вербално ги навредува останатите учесници на часот, врши или поттикнува електронско насилство, постира коментари коишто може да се интерпретираат како навредливи, дискриминирачки или вознемирувачки, или испраќа електронски материјали со навредлива содржина кон останатите ученици и/или кон наставниците“, стои во правилникот.

Фото: Драган Митрески – Слободен печат

Доколку некој ученик поради која било од наведените причини е отстранет од час, во тој случај не е исклучена можноста против него да се поведе и дисциплинска постапка.

„Во тој случај се евидентира дека ученикот е неоправдано отсутен од тој час, и против истиот може да биде поведена дисциплинска постапка и изрекување на педагошки мерки“, се додава во правилникот.

Какви одговорности имаат учениците и наставниците?

За време на онлајн часовите, наставниците и учениците треба да промовираат учечко-поучувачка ефективна комуникација која што ги вклучува сите. Учениците треба да се мотивирани и активно да учествуваат во виртуелната училница, стои во одредбата насочена кон обврските кои треба да ги вршат наставниците и учениците за време на часовите на далечина.

Во овој дел всушност се опишува еден вид на час како и оној на кој сме навикнати да го гледаме во училишните клупи, со тоа што наставниците и сега треба да се грижат да ги вклучат учениците во интерактивен начин на настава, со тоа што несоодветни разговори и дискусии не се дозволени, a наставниците постојано треба да ги поттикнуваат учениците на критичка и аргументирана комуникација.

И наставниците и учениците треба да ја почитуваат доверливоста при онлајн настава, односно да не објавуваат лични информации, фотографии и какви било видео и аудио материјали за себе и другите соученици, а на учениците исто така не им е дозволено да ги откриваат лозинките за пристап до апликациите и Платформата на другите ученици.

МОН најавува нови учебници и дидактички материјали, родителите збунети за својата улога

За почитување на препораките и нивно спроведување надлежни се да проверуваат директорите на училиштата.

Учениците сметаат дека препораките се почитуваат

Дел од учениците кои ги контактиравме велат дека на часовите постои ред, но согласни се и оти постои разлика од наставата во живо.

-И овде комуницираме со наставниците, интеракција постои и тоа е добро, но ја нема истата енергија како во реална училница. Сепак додека работите не се вратат во нормала, ќе продолжиме вака – вели Мартин Митев, средношколец од штипската гимназија.

Друг средношколец пак вели оти тие ученици што сакаат да научат ќе научат и на овој начин, а додава и дека е задоволен од начинот на кој предаваат наставниците.

-Ред постои и тоа е добро, со тоа што секако оти постојат многу „финти“ за избегнување на онлајн наставата, но оној кој сака да научи ќе го направи тоа. Наставниците предаваат посветено како и при редовна настава, во тој дел можам да кажам дека не се чуствува некоја забележителна разлика – вели друг средношколец од Скопје.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот