Објавена на денешен ден: Занимливости за книгата „1984“ на Џорџ Орвел

Џорџ Орвел и неговата книга „1984“ / Фото: Profimedia

Книжевното дело „1984“ на англискиот романописец Џорџ Орвел, кое било објавено на денешен ден во 1949 година, ни подари мноштво описи на дистописки и опресивни владејачки системи.

Па, дури и да сте ја прочитале приказната за борбата на фиктивниот лик Винстон Смит против диктатурата на „Големиот брат“, сѐ уште постојат некои интересни факти, приказни и теории за „1984“, кои сигурно ќе ви бидат интересни, пишува „Ментал флос“.

За малку, делото ќе имало друго име

Пред да се објави книгата „1984“, Орвел бил неодлучен за името на делото. Некое време размислувал да ја именува „The Last Man in Europe“ („Последниот маж во Европа“).

Орвел не можел да се одлучи за годината

Пред да ги смести дистописките случувања во 1984 година, Орвел го замислувал својот роман во 1980 и 1982 година.

Пред да ја критикува пропагандата во книга, Орвел работел како пропагандист

За време на Втората светска војна, Орвел работел за „Би-би-си“. Тој бил вклучен во осмислувањето и надзорот на програмите што се емитувале на индиските канали, со цел да го поттикне тамошното население да соработува со сојузниците и доброволно да служи во армијата.

Орвел ја моделирал Собата 101 по канцеларијата на „Би-би-си“

Најстрашното место во книгата е Собата 101, комората за мачење на Министерството за љубов, каде што жртвите се изложени на нивните најлоши кошмари. Читателите можеби не знаат дека Орвел го базирал ова морничаво место на вистинска соба. Додека работел како пропагандист, Орвел сфатил дека повеќето од информациите објавени од „Би-би-си“ бараат одобрение од Министерството за информации, веројатно во некоја соба 101. Веројатно оттука потекнува инспирацијата за името на собата со кошмари, која оттогаш е урната, но постои мал модел од неа.

Џорџ Орвел додека работел како новинар во „Би-би-си“ / Фото: Alamy Stock Photo / Alamy / Profimedia

Орвел бил надгледуван додека ја пишувал „1984“

Дванаесет години пред да ја објави „1984“, Орвел објавил нефикциско дело „The Road to Wigan Pier“, во кое ја истражувал сиромаштијата и класното угнетување во Англија во триесеттите години на минатиот век. Поради истражувањето за книгата „The Road to Wigan Pier“, која ги прикажува условите за работа во рудниците за јаглен, разузнавачката служба го стави Орвел на списокот за следење, на кој тој помина повеќе од една деценија. Во официјалното досие се споменуваат „напредните комунистички ставови“ и „боемскиот стил на облекување“ на Орвел.

Режимот на „Големиот брат“ бил инспириран од светските системи на владеење

Орвел не се ограничил на една диктатура кога го осмислувал угнетувачкиот режим во делото „1984“. Писателот зел многу елементи од Советскиот Сојуз, меѓу другото и слоганот „2+2=5“ од таканаречениот петгодишен план за национален развој, кој започнал во 1928 година (иако изразот бил во употреба неколку децении порано), а полицијата на Советскиот Сојуз била инспирација за повеќето акции на Полицијата на мислите и Министерството за љубов. Дополнително, справувањето со „злобните мисли“ потсетува на Специјалната виша полиција, јапонска полициска единица, која за време на Втората светска војна го осудувала непатриотското размислување за време на нивната самопрогласена „Војна на мислите“.

Се вели дека ликот на Џулија е базиран на втората сопруга на Орвел

Многу експерти шпекулираат дека Џулија, главниот женски лик на книгата и љубовната партнерка на главниот лик Винстон Смит, била базирана на втората сопруга на Орвел, Соња Браунел. Сепак, ова воопшто не е ласкава споредба. Орвел ја опишува Џулија како „бунтовничка од половината надолу“, а Винстон Смит на крајот ја изневерува за да биде ослободен.

Орвел боледувал од туберкулоза додека ја пишувал „1984“

Повеќето луѓе би земале една недела одмор поради настинка, но Орвел не дозволил неговата борба со туберкулозата да го спречи да напише нов роман. По престојот во болница, тој продолжил да работи и, наводно, колабирал, откако го завршил вториот ракопис.

Еден од преведувачите не ја сфатил првата реченица

Иако е вообичаено текстот да претрпува промени за време на преведувањето, оригиналната италијанска верзија на романот значително го ублажи злогласниот тон на познатата почетна реченица: „Беше ведар и студен априлски ден; часовниците покажуваа тринаесет часот“.

Непознат преведувач ја превел реченицата како: „…часовниците покажуваа еден часот“, очигледно не знаејќи дека Орвел намерно вметнал време кое не постои на повеќето аналогни часовници. Бидејќи дваесет и четири часовните часовници биле вообичаени во Италија, се чини дека првобитното време на Орвел не било интересно за преведувачот.

Фото: Jeffrey Whyte / Alamy / Alamy / Profimedia

Орвел за малку ќе се удавел додека работел на романот

Орвел повеќето од своите романи ги напишал на островот Џура, во Шкотска, каде што бил најпродуктивен. Но, дури и во таа средина, тој имал периоди на одолговлекување, што понекогаш било особено катастрофално. Еден летен ден во 1947 година, тој паузирал од пишувањето и ги одвел синот и внуците на патување со брод во блискиот залив Кориврекан. За време на патувањето, бродот на семејството неочекувано се превртел, а сите завршиле во морето без елеци за спасување. За среќа, сите преживеале, но настанот дополнително го оштетил и онака кревкото здравје на Орвел.

Орвел починал само седум месеци по објавувањето на романот

Иако Орвел беше успешен како водител, новинар и писател, тој, за жал, никогаш не го посведочи неверојатното влијание што неговото најпопуларно дело го имаше на светот. Орвел почина на 21 јануари 1950 година, како последица од туберкулоза.

„1984“ е омилен роман на многу познати личности

Стивен Кинг и ѕвездата од серијата „Game of Thrones“ („Игра на тронови“), Кит Харингтон го наведоа романот како една од нивните омилени книги.

Дејвид Боуви сакал да ја претвори книгата во мјузикл

Друг обожавател на романот бил Дејвид Боуви, кој сакал да ја претвори книгата во мјузикл во средината на седумдесеттите. За жал, вдовицата на Орвел не дала дозвола за проектот, но Боуви напиша неколку песни за него.

Романот „1984“ веќе е јавна сопственост во некои земји

Романот на Орвел е дозволено јавно да биде објавен во Канада, Австралија, Аргентина, Јужна Африка и Оман. Во 2021 година, оваа книга стана достапна за јавноста во 28 земји од Европската унија, како и во Русија. Во Америка тоа ќе се случи во 2044 година.

„Животинска фарма“: Прочуената политичка сатира на Џорџ Орвел добива своја игра!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот