Објавена е стихозбирката „Ликовите во мене“ од Ерол Туфан

Деновиве, од печат излезе стихозбирката „Ликовите во мене“ од Ерол Туфан во издание на „ПНВ публикации“. Новата стихозбирка е своевидно надоврзување на неговата претходна книга „Несоници“. Во поговорот кон збирката проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска напиша: „Ја доживувам како едно своевидно пеење-куќа. А куќата по својот состав претставува своевиден центар на светот, оска на вселената, но и средиште кое е заштита за луѓето што живеат во неа, заштита на нивните најважни духовни вредности. Сликата на домот и куќата е несомнено една од најсилните архетипски слики со богат, асоцијативен спектар.“

И понатаму: „И во тој дом, во таа куќа изградена врз фонот на контрастот светло-темно, ден-ноќ, радост-тага, Ерол Туфан широко им ги отвора портите на свои драги гости, на Ежен Јонеско, Шарл Бодлер, Фридрих Ниче, но и на Едгар Алан По и Алфред Хичкок, на Славе Ѓорѓо Димоски и Венко Андоновски, но и на сите оние кои сакаат преку читањето на оваа збирка да ги запознаат, како што вели и тој самиот – ликовите во мене!“

Ерол Туфан е поет, есеист и преведувач. Роден е во 1959 година, во Гостивар. Во 1992 се иселил во Турција. Студирал право во Скопје и Конија. Се занимава со политика, новинарство и право. Работи како самостоен адвокат во Истанбул.

Досега ги објавил книгата есеи „Книгољубецот“ (2006 и повторно во 2011), книгите поезија „Балкански син“ (2013), „Камчето од Вардар“ (2016), како и „Несоници“ (2020) и „Меланхолија“ (2020), двојазично издание на македонски и турски јазик. Книгите „Књигољубац“ и „Ерол трагом Ерола“ му се објавени во Србија (2016 и 2017). Ја приреди и во 2019 година ја објави книгата есеи „Компаративни поетики“, дел од богатата оставина на својот татко Музафер Туфан. Член е на Друштвото на писателите на Македонија, Удружење књижевника Србије и на Турската асоцијација на писателите.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 73, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 20-21 март 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот