Објавена е книгата „Светлината на светот“ од Александар Михајловиќ

Македонскиот поет и прозаист Александар Михајловиќ (1971, Гостивар) е автор на книгите поезија „Алтани и други“ (2019), „Помалку измамени“ (2021) и книгата кратки раскази „Светлината на светот“ (2022).

Дипломирал на Педагошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Работи како наставник. Добитник е на домашни и странски книжевни награди.

– Расказите секогаш предизвикуваат восхит, посебно кратките раскази со куси пораки кон читателите. Читајќи ги расказите на Михајловиќ доживеав дежа ву, потоа си припомнав дека, всушност, тие се дел од животот, испреплетен од настаните на секојдневието, за кое пишува авторот.

Приказните се пишувани во прво лице, има ликови од опкружувањето, соседството, измислени, несекојдневни. Со поглед секогаш насочен нагоре и во исчекување, Александар Михајловиќ полека, но сигурно, го напипува својот творечки пулс. Го љуби творештвото до таа мера што го поистоветува со животот и тоа станува негова муза и смисла за неговото постоење. Затоа се враќа таму од каде што почнал, се навраќа на лирскиот, поетски дискурс и неговите кратки раскази добиваат призвук на поетски изливи.

Неговите приказни се плаузибилни и секој може да се пронајде, ги засегаат сите и сечии се, а најмалку лични. Авторот Михајловиќ е вешто прикриен воајер што умее да ѕирне длабоко во човековата душа, во потрага по близина – напиша поетесата Билјана Дејановска за кратките раскази во книгата „Светлината на светот“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 156, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 26-27 ноември 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот