Објавен е стручен преглед на црковните ремек-дела на Охридската архиепископија од д-р Снежана Филипова

Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ ја објави книгата „Од трезорот на Охридската архиепископија – белешки за светите твари и уметничките дела“ од д-р Снежана Филипова.

Во книгата авторката пишува за изгубеното и украденото богатство на македонската црква, за најзначајните уметнички дела, инсигнии и предмети на применетата уметност кои некогаш биле дел од трезорот на Охридската архиепископија, а денес се распрснати, главно, во неколку музеи во соседството.

Филипова пишува и за значајни примероци на црковен вез, реликвии, крипти, мали иконки, енколпиони…, но и за раната црква во Македонија, културните и епископски центри во Македонија во времето на Јустинијан, ранохристијанските, средновековните и нововековните светци и маченици од Македонија.

Освен што дава преглед на ремек-делата на една од најзначајните архиепископии на православниот свет, книгата претставува и значаен придонес за црковната историја на уметноста во Македонија. Книгата содржи и шеесетина фотографии, како и скратена верзија на текстот на англиски јазик.

Д-р Снежана Филипова (родена во Скопје) дипломирала на Филозофскиот факултет во Скопје, а магистрирала на Институтот за средновековни студии во Будимпешта, Унгарија. Докторската дисертација ја одбранила во јануари 2005 година на Филозофскиот факултет во Белград. Нејзините истражувачки интереси се од областа на ранохристијанската и средновековната уметност, методологијата на историјата на уметноста, хералдиката и археологијата. Објавила повеќе од 60 стручни и научни трудови, како и седум стручни книги.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 107, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 27-28 ноември 2021)

Видео на денот