Обид за убиство во Кочани, осомничениот во 30-дневен притвор
Основното јавно обвинителство Кочани ќе спроведеа истражна постапка против 24-годишник за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело убиство во обид.
На 13 септември, во вечерните часови, осомничениот се договорил со оштетениот да се најдат на паркинг простор кај Споменикот на слободата во Кочани заради купопродажба на мобилен телефон. Кога се сретнале на наведеното место, осомничениот влегол во возилото на оштетениот, седнал на совозачкото место и започнал да разговара со него и да го разгледува мобилниот телефон. По кратко време, од џебот извадил нож и му задал удар во витален дел од телото во пределот на главата и вратот под брадата, нанесувајќи му отворена рана од околу 2-3 см. Ножот се скршил, а осомничениот продолжил со дршката уште неколку пати да го удира оштетениот. Нападнатиот му ја фатил раката и го спречил, по што осомничениот се извлекол од возилото и со трчање побегнал од местото на настанот, соопштуваат од државното Јавно обвинителство.
Оттаму додаваат дека поради опасност од бегство, можност да влијае врз сведоците и да ја попречува кривичната постапка, но и реална закана да го повтори или да го доврши обиденото кривично дело, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Кочани поднел предлог за определување мерка притвор. Судот ја прифатил основаноста на предлогот и на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.