Обид да се обели образот на партијата на Нелсон Мандела

Поддржувачи на АНК/ Фото MUJAHID SAFODIEN / AFP / Profimedia

Безброј скандали ја тресат партијата на поранешниот јужноафрикански претседател и херој на таа држава, Нелсон Мандела. Јажето на кое се држи актуелниот претседател Сирил Рамафоса (70) полека се кине. Втурнат во големи неволји, Рамафоса успеа да го издржи гласањето недоверба од страна на Парламентот, но иднината на јужноафриканската влада останува нејасна. Рамафоса доаѓа од партијата Африканскиот национален конгрес (АНК), која некогаш беше предводена од легендарниот Нелсон Мандела.

Јужноафриканскиот претседател е обвинет дека сокрил 580 илјади долари во својата фотелја, дека не ги пријавил парите кај властите и дека кога тој ги добил, не ги пријавил во полиција, за да избегне прашања за тоа како ги добил американските долари. Ова без сомнение е најголемиот скандал која ја потресе владата на овој претседател, пишува „Би-Би-Си“.

Рамафоса е обвинет од страна на поранешниот шеф на јужноафриканските шпиони, Артур Фрејзер, кој во специјален документ испратен до Парламентот го обвини претседателот дека криел пари.

Но, Рамафоса успеа да го издржи притисокот, барем засега, смета „Франс 24“.

Фрејзер тврди дека близок соработник на Рамафоса, Бејани Чауке, донел „големи суми“ американски долари од Саудиска Арабија, Египет, Мароко и Екваторијална Гвинеја и тврди дека помошникот ги сокрил парите во каучот во неговиот дом во Јоханесбург, пред да ги однесе парите на фармата за дивеч на претседателот Рамафоса со неговото „целосно знаење и прифаќање“.

По жестока дебата, неговата владејачка партија АНК го порази предлогот со 214 гласа наспроти 148, со двајца воздржани, додава „АфрикаЊуз“.

Поддржувачи на Рамафоса/ Фото EPA-EFE/KIM LUDBROOK

Но, падот на Владата на Рамафоса не смее да се отпише. Актуелниот претседател беше славен како спасител кој конечно ќе ја извлече земјата од големата криза во која се најде за време на владеењето на Џејкоб Зума, кој поради наводи за корупција го загуби мнозинството во парламентот.

Набљудувачите на политичката состојба веруваат дека Рамафоса може да заврши на ист начин како и Зума. Претседателот во неколку наврати ги отфрли ваквите шпекулации.

Извалкано името на движењето започнато од Мандела

Бројните скандали на последните претседатели на ЈАР полека, но сигурно го уништуваат имиџот на движењето некогаш предводено од најпопуларниот претседател на земјата, а воедно и еден од најпопуларните политичари во светот, Нелсон Мандела.

Мандела е првиот претседател на оваа земја (1994-1999) кој дојде на власт по демократски избори.

Рамафоса имал само 39 години кога во 1991 година АНК го избрале за генерален секретар и го испратиле да помогне во изготвувањето на уставот по апартхејдот, иако тоа на крајот го направи самиот Мандела. Тука се роди кариерата на Мандела како легендарен лидер и политичар, а на Рамафоса како бизнисмен, пишува „Фајненшл тајмс“.

Нелсон Мандела/ Фото: ODD ANDERSEN / AFP / Profimedia

Денес, партијата некогаш предводена од Мандела, која тогаш се борела против апартхејдот сега е покровителска машина обвиена во револуционерна реторика.

Во држава каде што речиси половина од црните Јужноафриканци се невработени и каде криминалот останува неказнет, доста „лесно“ стана да се убие ривалот за да се дојде до профитабилна политичка позиција.

Криминалот во политиката е присутен насекаде низ ЈАР

Релевантниот британски неделник „Економист“ раскажа една приказна која за читателите звучи доста неверојатна.

Лонкдиве Мкизе е жена која живее во Като Крест, сиромашниот дел од Дурбан, третиот најголем град во Јужна Африка. Таа живее во недоизградена куќа, која ја градела со нејзиниот сопруг Сијабонга Мкизе.

Но Сијабонга бил убиен во октомври 2021 година, додека ја водел кампањата за да стане советник во градот од Африканскиот национален конгрес (АНК), владејачката партија во Јужна Африка, партијата на легендарниот Нелсон Мандела.

ЈАР/ Фото Rajesh JANTILAL / AFP / Profimedia

Тој иако беше убиен, освои најголем број на гласови на тие избори, па беше предоцна да се тргне неговото име од листата на победници. Во март 2022 година на негово место мораше да се избере некој жив, кој би ја извршувал таа функција. Па така, на таа позиција дојде Мзи Енгиба.

Два месеци подоцна, Енгиба беше меѓу четворицата уапсени за убиството на Мкизе. Ова е само еден пример за тоа колку криминалот владее во јужноафриканската политика, и колку претходно споменатиот случај со претседателот можеби и не е најлошиот во оваа голема африканска земја.

Ваквите приказни се доста чести во ЈАР. Од 2000 до 2021 година се убиени најмалку 418 политичари или луѓе поврзани со некои функционери, а повеќето од овој број е во последниве седум години.

Најинтересен детал е што овие убиства најчесто се токму меѓу политичари од владејачката АНК. Дали станува збор за некои внатрешни недоразбирања и ривалства, или пак е надворешно незадоволство, останува нејасно, барем за медиумите и јавноста.

АНК историски гледано е најголемата партија во земјата. Таа ужива убедливо мнозинство во парламентот, што всушност беше причина поради која Рамафоса остана на власт. Но, покрај сето ова, нејзината популарност кај граѓаните опаѓа.

Забавата заврши

Падот на АНК буди различни чувства меѓу Јужноафриканците. Малку кој ќе го жали нивниот пад, но многу се загрижени кој ќе дојде на нивно место.

Според експертите, постојат два ризика. Првиот е околу краткорочниот процес, односно доколку сега се смени Рамафоса, прокорупциската фракција на партијата ќе го искористи времето што и преостанува за да „украде колку што може повеќе“. Вториот проблем, поврзан со подолгорочниот процес, е загриженоста доколку ЈАР навлезе во нова ера на коалициска политика (Според нејзиниот пропорционален репрезентативен систем, ако ниту една партија не освои мнозинство од гласовите, ова е сè само неизбежно).

Коалициите може да значат компромис и прагматизам. Но, како што е веќе случај во многу локални власти во ЈАР, тие исто така може да значат „уште повеќе усти во коритото“.

Јужноафриканската Република е пред голема политичка одлука, а состојбата во таа држава останува интересна за љубителите на африканската политика.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот