Обединетите нации и хуманитарците во Газа фаворити за Нобеловата награда за мир

Лекарите во Газа им укажуваат помош на луѓе во невозможни услови - Фотографија ЕПА, Мохамед Сабер

Алтернативен избор се здравствените работници на Газа „за нивните херојски напори, соочени со незамисливо хуманитарно уништување“

Обединетите нации доминираат меѓу годинешните фаворити за Нобеловата награда за мир. Една недела пред објавувањето на лауреатот, за главни фаворити се сметаат Агенцијата на Обединетите нации што им помага на палестинските бегалци во Газа, Меѓународниот суд на правдата на ОН и генералниот секретар.

Антонио Гутереш лично е кандидиран „за неговата храброст и интегритет во врска со војните во Украина и во Газа, за јасниот глас за борбата против климатските промени и за неговата важна борба за човекови права и почитување на меѓународното право“. За рани фаворити во ноември важеа и Володимир Зеленски и Алексеј Навални, но украинскиот претседател тешко може да ја добие наградата како лидер на завојувана земја, а гласниот дисидент почина во затвор во Русија и постхумно не може да ја добие наградата.

И годинава беа кандидирани многу контроверзни ликови, од досегашниот шеф на НАТО Јенс Столтенберг – „за неговата работа да постигне мир и демократија во Европа и во светот“, преку поранешниот американски претседел и актуелен републикански кандидат Доналд Трамп – „за неговата улога во Аврамската спогодба за нормализирање на односите на Израел со Обединетите Арапски Емирати и Бахреин“, па сѐ до најбогатиот човек на светот Илон Маск – „за неговата непоколеблива одбрана на дијалогот, слободниот говор и правото на изјаснување во сѐ пополаризираниот свет“.

Во сенка на Маск низ медиумите тивко се провлече името на Џулијан Асанж, кој е кандидиран „за обелоденување мачења и нехуман третман на воени затвореници“. Со години наназад меѓу кандидатите е и папата Франциск „за постојано промовирање силна порака за неопходноста од одржлив мир и помирување, не само помеѓу државите, туку и меѓу народите и етничките групи“, како и британскиот природонаучник и автор на документарни серии сер Дејвид Атенборо.

И годинава, како и порано, номиниран е и Илхам Тојти, бранителот на правата на Ујгурите во Кина.

Се верува, сепак, дека годинава наградата ќе биде доделена на организација што им помага на палестинските цивили од Газа, кои секојдневно гинат, трпат напади и речиси постојано се селат од место во место поради израелската воена операција против Хамас.

Гутереш во посета на граничниот премин Рафах помеѓу Египет и Газа – Фотографија ЕПА, Халед Елфики

Мисијата на Обединетите нации е меѓу најактивните организации што им помага на Палестинците, но дамка врз УНРВА фрли израелскиот извештај дека некои нејзини активисти соработувале со Хамас.

Алтернативен избор се здравствените работници на Газа „за нивните херојски напори, соочени со незамисливо хуманитарно уништување“, или Палестинската гранка на Црвената полумесечина, заедно со Меѓународниот комитет на Црвениот крст „за нивната работа за спасување човечки животи во актуелната војна на Израел и Хамас“. Во контекст на војната во Газа е и заедничката номинација на палестинската група Ал Хак и израелската Бтселем „за нивните вредни напори за документирање и публикување на нарушувањата на човековите права на кои се изложени Палестинците“.

Номинирани се и два меѓународни суда. Меѓународниот суд на правдата во рамките на ОН е кандидиран „поради обновата на вербата во меѓународното право и во капацитетот на Обединетите нации да дејствуваат за да запрат војни и страдања на цивили“.

Меѓународниот кривичен суд во Хаг, пак, е кандидиран „поради својата работа во истражување и казнување воени злосторства, притоа вклучувајќи ги и оние во Израел, Палестина и Украина“.

Право да предлагаат кандидати за Нобеловата награда за мир имаат пратеници и министри од влади ширум светот, судии од избрани меѓународни судови, универзитетски професори по историја, социјални науки, право, филозофија, теологија и религија, директори на мировни институти, членовите на Норвешкиот нобелов комитет и поранешни добитници на наградата.

Трамп на потпишувањето на Абрахамската спогодба – Фотографија ЕПА, Џим Ло Скалцо

Тие имаат право и да објават кого номинирале и зошто, но списокот на кандидатите се чува во строга тајност од крајниот рок на пријавување во февруари, преку првата селекција во септември, па сѐ до изборот на лауреатот. Неговото име ќе биде објавено идниот петок на пладне, а наградата свечено ќе биде врачена на церемонија во декември.

Нобеловата награда за мир лани ја доби иранската активистка Наргес Мохамади „за нејзината борба проти репресијата на жените во Иран и за борбата за промовирање човекови права и слобода за сите“. Мохамади сѐ уште не ја примила лично наградата, бидејќи отслужува казна во озлогласениот затвор Евин во Техеран. Меѓу поистакнатите кандидати лани беа Џулијан Асанж, Алексеј Навални, Владимир Кара-Мурза и Грета Тунберг.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот