Обединетата унгарска опозиција има шанса да го урне Орбан, но многу предизвици се пред неа

Фото: EPA-EFE/JOHANNA GERON / POOL

Од ноември унгарската обединета опозиција на анкетите има мала предност во однос на владејачката партија Фидес на Виктор Орбан. Тоа упатува дека општите избори 2022 година ќе бидат први после 11 години на кои победата на опозицијата не е однапред отпишана. Спротивно на она што многу странски аналитичари би помислиле, популарноста на партијата на премиерот не ги нагризува невидената здравствена и економска криза, туку всушност појавувањето на сериозен политички ривал.

– Првиот бран од пандемијата беше успех за Орбан, потсетува независниот анкетар Тибор Завец.

Унгарија го преживеа пролетниот бран на коронавирусот речиси неповредени, со многу мал број на жртви, иако за тоа плати голема економска цена. Анкетите во текот на летото покажуваат дека Фидес ја зголемила својата поддршка за пет проценти, односно 400.000 гласачи. Меѓутоа, се се распадна есента, кога гласачите реагираа на одговорот на владата на вториот, посериозен бран.

Анкетите за учинокот на владата во текот на третиот бран – најсмртоносниот досега – се уште не се достапни, но според најновото истражување на Завец од 11. март, опозицијата води со 37 до 36 проценти, со 24 отсто неодлучни гласачи.

– Играта ја промени единството на опозициските партии, а не пандемиајта, барем засега, тврди Завец за Балкан Инсајт..

Обединети стоиме, поделени паѓаме

Во декември, опозициските партии – почнувајќи од поранешниот  екстремно десничарскиот Јобик до социјалистите, вклучително и левичарската либерална Демократска коалиција, Зелените, Дијалогот и центристичките дебитанти Моментум – објавија дека ќе формираат единствена листа за да го предизвикаат Фидес на Орбан и да ги координираат кандидатите во сите изборни единици пред изборите во 2022 година.

Комбинираната листа стана моментален хит кај оние кои не беа задоволни од владата,  или немаа преференции кон ниту една партија или беа неодлучни, што и даде дополнителни 500 000 гласови. Овој потег исто така ја попречи клучната стратегија на Фидес да доминира во политичкиот центар и да ги спречи партиите од левата и десната на соработка од идеолошка основа.

Во моментов, анкетите покажуваат продлабочување на географската поделба – јазот меѓу гласачите во урбаните и руралните области, сличен на оној во Полска или Америка. На пример, во Будимпешта, здружената опозиција води со 52 проценти од 30 проценти поддршка за владејачката партија, во другите големи градови се намалува предноста на опозицијата, додека во руралните области доминацијата на Фидес останува непроменета со голема разлика.

Владејачката партија може да смета на прилично хомогена база од околу 2 милиони луѓе кои покажуваат непоколеблива поддршка за политиката на Фидес во сите области, од меѓународни работи до семејни и економски прашања. За овие луѓе, Орбан останува спасител на Унгарија, кој се бори за националните интереси на земјата, ги штити унгарските семејства, ги искорени меѓународните заговори и ја штити земјата од лошото управување со претходните социјалистичко-либерални влади.

Фото: EPA-EFE/Borislav Troshev

Сепак, како што претстои сериозна социјална криза, големото прашање е дали владата може да ја промени својата економска политика за да им помогне на оние кои имаат потреба. Главната грижа на Унгарците веќе не се миграција или корупција, туку растот на животните трошоци, а тоа веќе се рефлектира во парадигмата на гласачите.

Големи финансиски скандали, ирационални инвестиции во спортски центри и стадиони дури и среде пандемија и премногу дарежливо финансирање од фондации поврзани со владата, се чини дека не ги сменија основните модели на гласање, но растечкото верување дека опозицијата е способна да го победи Орбан имало ефект.

Бела Јанки, социолог, ја објаснува важноста на „митовите“ во политиката и како нивното преиспитување може да ги разниша темелите на целиот систем.

– Во класичното демократско општество, митовите се градат околу одредени институции, како што се парламентот или владеењето на правото. Стабилноста на системот се заснова на верата и поддршката на мнозинството од општеството кон овие институции. На пример, не треба да го напаѓате американскиот Капитол или ќе се соочите со последиците. Ова се правилата на игра. Во други системи, митовите се градат околу одредени луѓе. Овде, стабилноста на системот се заснова на вербата на општеството во тие лидери. Но, штом вербата во нивната непобедливост еродира, системот може да пропадне како кула од карти – објаснува Јанки.

Во текот на изминатата деценија, Орбан и Фидес се придржуваа до наративот дека опозицијата не е во состојба да победи на избори или да понуди реална алтернатива. Но, тоа конечно беше спорно на локалните избори во 2019 година, кога опозициските партии за прв пат го тестираа заедничкиот пристап и ја освоија Будимпешта и некои други поголеми градови. Ова беше значителен пораз за владата и предупредувачки знак за Орбан.

Во текот на следните 18 месеци, шарената опозициска коалиција беше ставена на тест и, генерално, се покажа како способна да управува. За жал, нивниот простор за маневар е ограничен на основно преживување, делумно поради пандемијата, но главно затоа што владата им ги одзема даночните приходи и другите средства.

Коалицијата сега работи на составување на заедничка изборна листа за сите 106 изборни единици и подготвува заедничка владина програма што ќе оди подалеку од едноставното отстранување на Орбан од функцијата. Деталите сè уште не се познати, но ветено е дека ќе биде проевропски, социјално праведен и зелен.

Да се победи во војна, а не во битка

Сепак, победата на изборите во 2022 година можеби не е најтешката задача за опозицијата. Водење држава во минско поле што Фидес би го оставил зад себе може да биде уште поголем предизвик.

Дури и ако партијата на Орбан биде поразена, луѓето лојални на Фидес ќе останат на функцијата долго време – главен обвинител барем до 2025 година, претседател на Врховниот суд штотуку избран за девет години, повеќето судии на Уставниот суд назначени од Фидес имаат мандат до 2025 или до 2028 година. Гувернерот на централната банка, близок сојузник на Орбан, ќе биде на таа позиција до 2025 година. Покрај тоа, нивните наследници ќе треба да бидат назначени со двотретинско мнозинство, што ќе биде потребно за промена на голем број закони.

„Длабоката држава“ што Фидес ја создава од 2010 година во медиумите, бизнисот и администрацијата ќе биде тешко да се демонтира, а лојалистите на Фидес можеби се подготвени да ги саботираат плановите на новата влада, стравуваат некои аналитичари.

Многумина се прашуваат и како Орбан ќе го издржи поразот и дали неговите верни поддржувачи ќе излезат на улиците да ги оспорат изборните резултати. Партијата на Орбан е позната по гушење улични протести и не би се воздржала од мобилизирање на гласачите доколку сметала дека има шанса да ги поништи резултатите.

За некои луѓе во владата и нејзиниот потесен круг, влогот е голем. Во моментот кога ќе останат без власт, политичарите кои станале сомнително богати и претприемачи кои користеле народни пари во нетранспарентни државни набавки може да се соочат со антикорупциски истраги.

Програмата на Моментум, на пример, предвидува дека ниту еден приватен авион нема да може да ја напушти Унгарија во првите 30 дена по изборите за да спречи политичарите да бегаат во странство. Овој потег беше поддржан од гласачи на кои им е преку глава од приказни за луксузниот начин на живот и отворена ароганција на владејачката елита, но други стравуваат дека тоа може да отиде предалеку и дополнително да ги продлабочи веќе широките социјални поделби во Унгарија.

– Може да има некои правни процеси, но не верувам дека опозицијата, доколку биде избрана, ќе се одмазди. Тие повеќе би сакале да се стремат кон мир и да се обидат да воспостават национален консензус и да ги надминат дупките во општеството – вели Завец.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот