„Обединет Балкан за чист воздух“: Нема веќе место за термоцентрали на јаглен и загадувачка индустрија на Западен Балкан

Учесниците на кампањата „Обединет Балкан за чист воздух” се залагаат за навремено затворање на централите со јаглен, како и итно намалување на загадувањето на воздухот над пропишаните нивоа предизвикано од тешката индустрија.

– Бараме граѓаните да бидат дел од процесот на донесување одлуки кога станува збор за еколошки и други дозволи за производствени капацитети. Без на кој било начин да се вклучи јавноста во распределбата на парите на даночните обврзници, државите во регионот платија вкупно 72,7 милиони евра директни субвенции во 2019 година на компании што произведуваат електрична енергија од јаглен и обезбедија гаранции за заем во вредност од 2,15 милијарди евра, наведуваат од кампањата.

Тие посочуваат дека освен во индустријата, јагленот се користи и во домаќинствата, дури и во топланите.

– Елиминацијата на ова фосилно гориво ќе го отстрани најголемиот индивидуален извор на загадување на воздухот на Западен Балкан. ЕУ се откажува од јаглен и ја стимулира употребата на чисти технологии во индустријата, за да се постигнат нето-нула емисии на јаглерод диоксид до 2050 година, помагајќи на тој начин да се ублажи глобалното затоплување, додаваат од кампањата „Обединет Балкан за чист воздух”.

Тие наведуваат дека со потпишување на Софиската декларација во ноември 2020 година, државите во регионот го отворија патот кон неповратни грантови и финансиска поддршка дефинирани со Зелената агенда за Западен Балкан, додавајжи дека термоцентралите на јаглен и валканата технологија „го загрозуваат нашиот опстанок и нè спречуваат да имаме почист воздух или да постигнеме неутралност на јаглеродот”.

Наместо за изградба или реконструкција на термоцентрали, средствата од буџетот можат да бидат наменети за социјални програми и преквалификација на работниците, како и за инсталирање на соларни постројки во рудници за јаглен што ќе ги компензира капацитетите за производство на електрична енергија што се затвораат. Трансформацијата во индустријата нека биде најзелена во Европа, истакнуваат од кампањата.

Според нив, сулфур диоксидот, тешки метали и други загадувачи го загрозуваат јавното здравје на луѓето од Западниот Балкан, но и многу подалеку. – Од вкупно 3.906 предвремени смртни случаи во 2016 година кои се припишуваат на ефектите од термоелектраните во регионот, 2.013 се случија во Европската Унија, 1.239 во регионот, а остатокот во други земји, тврдат од кампањата.

Кампањата „Обединет Балкан за чист воздух” е иницирана од Европскиот фонд за Балканот, во партнерство со Правото на градот од Белград (Србија), Институтот за животна средина и територијално управување од Тирана (Албанија), Екофорум од Зеница и За екологија и енергија од Тузла (Босна и Херцеговина), Сбункер од Приштина (Косово), ЕрКер/МојВоздух од Скопје (Северна Македонија) и ОЗОН од Подгорица (Црна Гора).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот