Нутриционист Тања Турунџиева: Како да го сочувате и зајакнете имунитетот во време на коронавирусот

Силниот имунитет, се чини, никогаш не бил поважен од сега, кога коронавирусот ја разорува планетата. Секоја личност се прашува како може да ја спречи инфекцијата (и другите болести) и како да го зајакне имунитетот.

Имунитет – секојдневна актуела тема. Уште поактуелна, откако започна пандемијата на коронавирусот. Дилеми, прашања и недоумици, колку и како моќно може да делува храната. Храната може да е уништувач или лек. Од нашата исхрана ќе зависи и нашето здравје.
Редовната, правилна и здрава исхрана e еден од главните предуслови за силен имунитет, а најдобрите борци против болестите се корисните нутритиви – витамините, минералите, протеините, житарките, корисните масти и други здрави намирници.

Тања Турунџиева

Дали имате чувство дека на вашиот имунитет делуваат фактори кои не можете да ги контролирате? За жал, во право сте. На имунитетот негативно влијаат и надворешни фактори, како што е загадениот воздух, како и долготрајната употреба на антибиотици. Хроничниот замор, честите настинки, недостатокот на енергија и несоницата, како и херпесот на усните, се знак за ослабен имунитет, исто како и потребата за благи работи, сув нос и темножолта урина (кои се последица на недоволно течности во организмот).

Прва линија на одбрана на вашиот имунитет

Бидете дисциплинирани и внимателни со своето здравје. Поради големото количество на витамин Ц, во овој период се препорачува консумирање на цитрусни овошја – лимун, портокал, грејпфрут, киви, јаболка, како и црвена пиперка.

Profimedia

Пробиотиците и другите ферментирани производи содржат корисни бактерии, кои благовремено влијаат на дигестивниот тракт, еден од најважните елементи на имунулошкиот систем. Лептинот што го има во печурките шитаки, го стимулира создавањето на Т-лимфоцитите, таканаречените клетки-убијци, кои се клучни за одбраната од болести, исто како и лукот, еден од најсилните природни антибиотици.

Бројните студии докажале дека бетакаротенот ја зголемува отпорноста на организмот на вируси и бактерии, а овој моќен антиоксидант го има во обилни количини во морковот, тиквата, бататата (слаткиот компир), спанаќот и кељот.

Витаминот А игра важна улога во јакнењето на имунитетот и делува како антиоксидант, додека пак, витаминот Б2 покажува ефикасност во сузбивање на бактериска инфекција.

Витаминот Е ги штити крвните садови и кожата од слободните радикали, а најмногу го има во бадемите, лешникот и лиснатиот зеленчук.

Витаминот Д го зајакнува одбранбениот систем на организмот, бидејќи во телото се создава со помош на сончевата светлина, а во овој период се препорачуваат намирници богати со витамин Д: риба (лосос, скуша) и морски плодови.

Витаминот К е, исто така, еден од важните витамини што влегуваат во групата на антиоксиданти.

Profimedia

Постои трио К витамин (К1 и К2), кои се создаваат со природни цревни бактерии, додека К3 е синтетички. Придонесува да се спречи внатрешно крвавење, претерани менструални одливи и правилно згрутчување на крвта. Природни извори на овој витамин се лиснатиот зелен зеленчук, алгите, рибиното масло и соиното масло. Високите дози на витаминот Е можат да ја нарушат апсорпцијата на витаминот К. Доколку сте под постојани терапии на антибиотици од широк спектар, може да дојде до губење на витаминот К. Во такви случаи, во исхраната се внесуваат големи количини на споменатите намирници. Доколку се зема антикоагуланска терапија (разредувачи на крв), треба да водите сметка за внес на овој витамин, па дури и со внес на природен начин.

Цинкот влијае на произведување на антитела и на активност на лимфоцитите, луѓето кои страдаат од недостаток од овој минерал почесто заболуваат од инфекции на дишните органи. Цинкот се однесува како сообраќаец, насочувајќи и контролирајќи ја ефикасноста на организмот, како и одржувањето на ензимскиот систем и клетките. Од суштинско значење е за синтезата на протеините.

Помага во создавање на инсулин. Постојат цврсти докази дека е потребен за синтеза на ДНК. Дневните дози се од 12 – 15 мг, а најдобри извори на цинк се рибата и морските плодови, како и семките од тиква. Меѓутоа, важно е да се знае дека прекумерната доза може да има контраефект. МНОГУ внимателно со дозирањето на цинк и никогаш не земајте го на гладно. Дозите повеќе од 150 мг на ден инхибираат имунолошка реакција. Ако се предозира, може да дојде до гастроинтестинално надразнување и дефициенција на бакарот.

Profimedia

Селенот во комбинација со витаминот Е е синергичен. Тоа значи дека заедно си дејствуваат како збир подобро, отколку секој поединечно. Витаминот Е и селенот се антиоксиданти, кои спречуваат или го забавуваат стареењето и зацврстувањето на ткивата по пат на оксидација. Селенот е од важност за производство на глутатион – пероксидас примарен, телесен антиоксидант, кој се наоѓа во сите клетки. Помага при заштита од различни видови карцином, ризик од срцеви заболувања и мозочни удари. Најмногу го има во туна, кромид, домат, проќељ, лук и бразилски орев. Високите дози на селен, исто така, имаат токсични дејства.

Магнезиумот е неопходен за метаболизација на калциумот и витаминот Ц, како и фосфор, натриум и калиум. Од суштинско значење е за правилна функција на нервниот систем и познат е како антистрес минерал. На луѓето кои претерано консумираат алкохол им недостасува овој минерал. Најдобри извори на магнезиум се житарките, смоквите, бадемите, како и останатите јаткасти плодови, темно зелениот зеленчук и бананата. Преголемите количини на магнезиум можат да имаат токсично дејство при нарушена функција на бубрезите. Како непријател на магнезиумот се сметаат диуретиците и алкохолот.

Незаситените масни киселини се од клучно значење за нормално функционирање на имунитетот, бидејќи ја зголемуваат активноста на белите крвни зрнца, кои ги разградуваат бактериите. Со овие вредни материи изобилува и маслиновото масло и маслото од лен, како и морската риба (лососот и туната). Медот, матичниот млеч и прополисот создаваат и регенерираат црвени крвни зрнца и го ослободуваат организмот од отрови. Иако научниците сè уште се трудат да разберат како тој механизам, всушност, функционира, нема никакво сомневање дека за здрав живот е пресудно да се намали ризикот од зарази и болести. Во зимскиот период нашето тело троши многу повеќе енергија, па имунитетот е пооптоварен од нормалното и затоа е и послаб. На неговата ранливост влијаат и хроничните болести, нередовниот сон, нервозата, неправилната исхрана, нехигиената, премалку физичката активност, како и лошата навика на консумирање цигари и алкохол.

Храната е лек, но и уништувач

Внимавајте што јадете и што пиете! Храната е лек, но и уништувач – сè што е прекумерен внес на суплемент и храна, може да ве доведе до колапс. Ако здраво и правилно се храните, имате избалансиран внес на здрави нутритиви, нема да имате потреба од индустриски додатоци во исхраната. Секогаш природното си е природно! Организмот си апсорбира онолку колку што му треба, а вишокот се елиминира од организмот.

Мораме добро да си го познаваме организмот, пред да направиме одредена промена во однос на исхраната – крвна анализа, познавање на хронични заболувања, познавање на сопствениот организам со сите негови недостатоци, па потоа промена на исхраната. Можеби одредени нутритиви се на пиедесталот како најздрави, но не значи и дека му одговараат на секој организам. Затоа е неопходно секогаш да се консултирате со стручно лице и да не земате суплементи на сопствена рака.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот