Нутриционист Тања Турунџиева: Студентките треба да консумираат медитеранска храна, најмногу риба, житарки и печурки

По опфаќањето на навиките во исхраната, препораките и забраните кај трудниците и доилките, следуваат нутриционистички препораки за жените, следејќи ги сите фази на нивниот развој од детскиот период, преку пубертетот и адолесценцијата, па сѐ до зрелата фаза и староста.

Исхрана кај девојки во пубертет и адолесценција

Во мојата долгогодишна нутриционистичка практика сум забележала дека секоја фаза на жената е различна, но некако најхедонистички се однесува во пубертетскиот и во адолесцентниот период, кога се појавуваат првите проблеми со вишокот килограми, со појавата на акните и митесерите. Тој дополнителен комплекс на вишок килограми доведува до импровизирани диети, што, пак, водат до уште поголеми штети поради хормоналниот дисбаланс. Дополнителното изгладнување може да доведе до запаѓање во анорексична или булимична фаза, со што се доведува во прашање и здравјето на девојката. Многу е важно во тој период родителите да влијаат и дејствуваат на својата ќерка, да разговараат сериозно на темата, без навреда на нејзината личност. Таа категорија девојки ми се најспецифични и иако имаат аверзии кон одредени типови храна, сепак, се многу дисциплинирани. Брзо забележуваат дека со промените во исхраната акните се смируваат, се чисти лицето, се воспоставува рамнотежа. Почнуваат да јадат во големи количества зеленчук и овошје и манџи како боранија, леќа, леблебија, печурки, се преориентираат, да не јадат многу месо и одредени млечни производи. Во одредени денови го снабдуваат организмот само со свежи ензими, за да ги почувствуваат благодатите од нив врз нивната кожа, метаболизмот, како и врз имунолошкиот систем.

Добре дојдовте во светот на возрасните

По завршувањето на средно училиште, особено девојките што студираат преминуваат во друга фаза, кога поради брзото темпо и начинот на живот, немаат ред и дисциплина во однос на исхраната. Почнува да се појавува првиот целулит поради статичната состојба и недоволниот внес на течности, особено вода. Јасно е дека жените во овој период од животот се во континуиран стрес, што се рефлектира и на имунолошкиот систем и на метаболизмот, но не треба по секоја цена да посегнуваат по брза храна или да пијат големи количества кофеински пијалаци, за да останат будни во вечерните часови. Тоа е една од заблудите за кафето и кофеинските пијалаци, што се контраиндицира со елиминирање на калциумот од организмот, како еден од виталните минерали. Поради стресот на факултет и непроспиените ноќи поради испитите, студентите го нарушуваат својот биоритам. Во тие периоди на напорно учење и работа препорачувам медитерански начин на исхрана со големо количество риба, морски плодови и печурки како идеален протеин за концентрација и заштита на имунолошкиот систем во комбинација со безглутенски житарки што во себе содржат до девет аминокиселини, многу витамин Б и магнезиум – она што го чува нашиот нервен систем.

Месечна тревога во форма на предменструален синдром (ПМС)

Потребна е урамнотеженост од три оброка дневно, што ретко се случува кај жените, затоа што се плашат од толку оброци и така почнува импровизирањето во однос на исхраната – се елиминираат многу намирници од исхраната, се појавува опсесивна потреба за благо, за леб, за млечни производи како храна без којашто не се може, особено во период пред менструален циклус. Тогаш треба да го исклучиме чоколадото – точно е дека го поткрева серотонинот, меѓутоа, треба да се знае дека една од причините за мигренозните болки во предменструалниот циклус се токму чоколадото и кофеинските пијалаци. Доколку внесуваме корисни семиња во претпладневните часови (лен, сончоглед), тие со својата калориска вредност ќе ја контролираат и потребата за благо. Научно е докажано дека тие што не го токсицираат организмот во периодот на предменструалниот синдром (ПМС) имаат многу посмирен организам и метаболизам.

Жената како главна фигура во општеството

Многу е важно жената да има ред и дисциплина во исхраната, што ќе одржува рамнотежа и нема да го тревожи организмот и метаболизмот. Секоја женска доба да ја минува полна со енергија, да го чува здравјето на млади години, да се едуцира во однос на подобрување на здравјето, а доколку има проблем, секогаш да се обрати кај стручни лица кои ќе овозможат адекватен третман. Ако не си го чуваме здравјето преку храната, нема да го имаме, а на едно семејство му е потребна здрава и енергична, убава, паметна жена, која, колку и да звучи феминистички, е столб на македонското семејство. Македонската жена е добра мајка и сопруга, одлична домаќинка и готвачка – движечка сила во средината, не само како мајка и сопруга туку едноставно како фигура во општеството.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот