Нуредини-Матуела: Брисел ги препознава напорите на Македонија и посветеноста кон зелената агенда на ЕУ

Брисел ги препознава напорите на Северна Македонија и посветеноста за постигнување на европските вредности, истакна новоназначената в.д директорка за Западен Балкан во Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Унијата, Микела Матуела, при денешната работна средба со министерот за животна средина и просторно плaнирање Насерт Нуредини.
Фокусот на разговорите на средбата бил на подготвеноста на државата за процесот на преговори за влез во Европската Унија, конкретно за Поглавјето 27 – животна средина и клима.
Нуредини информирал за активностите што Министерството за животна средина и просторно планирање интензивно ги спроведува во изминатиот период и тоа во неколку сегменти значајни за остварување на европската зелена агенда.
– Во однос на законската регулатива што ја уредува областа животна средина, во последната година вложивме многу напори и таа е сѐ поблиска до европската, со што нашата обврска во тој дел се исполнува, истакна Нуредини.
На средбата, како што соопштија од МЖСПП, се разговарало за реализацијата на големите инфраструктурни проекти и искористености на достапните финансиски средства од од ИПА II програмата.
Министерот информирал за напредокот на реформите во секторот води, како и за проектите за изградба на пречистителни станици за општините Кичево, Битола и Тетово, за колекторскиот ситем за Град Скопје, како и за напредокот во воспоставување на регионалниот систем за управување со отпад во Источниот и Севроисточниот Регион.
На средбата станало збор и за проектирање на ИПА 3 Програмата, но и за предизвиците со кои се соочува Министерството не само во процесот на искористување на европските средства наменети за поддршка на државите во предпристапниот период, туку и во целосното имплементирање на започнатите проекти.
Министерот истакнал дека во изминатата година доста се работело во надминување на слабостите и во изнаоѓање на решенија преку зајакнување на административните капацитети и доекипирање на стручните служби.
– Отидени сме чекор понапред и пристапивме кон користење на други дополнителни финансиски средства преку користење на отоворени кредитни линии, што покажува дека како држава веќе сме подготвени сами да инвенстираме во животната средина и во подобрување на квалитетот на нашите граѓани, заклучи Нуредини.
Извор: МИА