Нуредини: Граѓаните да не се греат со сè и сештo, стравуваме од аерозагадување оваа зима

Насер Нуредини министер за животна средина / Фото: ,,Слободен печат" - Драган Митрески

Имајќи ја предвид економската и енергетската криза, очекувано е зимава да се зголеми аерозагадувањето, рече на денешниот брифинг со новинарите министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини. Тој ги повика граѓаните да водат грижат како ги загреваат домаќинствата, односно да не користат материјали кои ја загадуваат животната средина.

„Ние ќе увеземе мазут и јаглен, најмалку што бараме е да се почитуваат стандардите за мазутот и јагленот што ќе го увезуваме. Свесни сме дека институциите – болници, градинки, училишта… се најголемите загадувачи. Најверојатно оваа зима ќе има зголемување на аерозагадувањето“, потенцираше Нуредини.

Тој истакна дека, за жал, ова не е ситуација само кај нас, туку во цела Европа и рече дека проблемот е што Македонија 30 години не инвестирала во енергетика во државата.

„Јас разбирам дека е тешко време, но апелирам до сите да внимаваме со што се грееме, колку грееме и да бидеме енергетски поефикасни. Граѓаните можат да се греат со дрва и пелети, кои се според стандардите, а не со материјали кои при согорувањето испуштаат штетни материи, кои прво го загадуваат домот, а потоа и околината“, посочи Нуредини.

Министерот Нуредини на брифингот се осврна и на гласините во јавноста дека дрвата за огрев се продаваат за речиси 50 проценти повисока цена од пазарната. Според регулативата на ЈП „Национални шуми“ цената за еден кубен метар дрва за огрев е 3 000 денари, но во последниот период, откако граѓаните почнаа да набавуваат дрва за греење на домовите во зимскиот период, се проширија информации дека тие плаќаат над 4 500 денари за кубен метар.

Министерот за животна средина наведе дека, откако дознал за ова, на минатата владина седница алармирал за проблемот и, како што нагласи, очекува утре да добие информација од Пазарниот инспекторат и од Државниот инспекторат за шумарство и ловство.

„Ние ја отворивме оваа тема на минатата владина седница. Во правилникот пишува 3 000 денари. Зошто се продава со вакви цени во приватниот сектор очекуваме да добиеме информација од Инспекторатот“, посочи Нуредини.

Македонска реалност: Богатите се најголеми загадувачи, најсиромашните оставени без помош и алтернатива

 

Видео на денот