Нуклеарната прегратка на Путин и Моди од која Западот стравува

Владимир Путин и Нарендра Моди
Владимир Путин и Нарендра Моди / Фото: EPA-EFE/HARISH TYAGI

Снимката од Владимир Путин како го вози индискиот премиер Нарендра Моди околу неговата резиденција во мини електричен автомобил, го илустрира блиското пријателство меѓу двајцата лидери. Оваа слика во исто време буди и стравувања кај Западот кога станува збор соработката меѓу двете земји во областа на енергетиката.

Имено белградска „Политика“ анализира дека чекорот со посетата на Моди на Москва е јасен сигнал дека индискиот премиер го поддржува Путин, правејќи ја Индија еден од ретките лојални потрошувачи на руска нафта и гас за време на двегодишниот конфликт во Украина.

За време на посетата на Моди, руските медиуми објавија дека двете земји преговараат за изградба на шест нови моќни нуклеарни реактори во Индија, како и за мали нуклеарни централи од новата генерација.

И покрај сите контроверзии околу нуклеарната енергија, нејзините емисии без јаглерод ја прават водечки одговор на климатската криза за многу земји. Започната глобална трка во изградба на нуклеарни централи и снабдувањето со гориво во различни делови на светот, ја чини Русија победник во многу аспекти.

„Од комерцијална перспектива, Русија не е многу добра во производството на многу работи, но има огромни природни ресурси и силна нуклеарна традиција која датира од советско време. Тоа е она што тој го користи сега“, објаснува Елизабет Бруг, виш соработник во „Трансатлантската безбедносна иницијатива“ при Атлантскиот совет.

Таа појаснува дека очигледно, Кремљ одлучил дека ова е добра идеја и многу земји сакаат да го прошират производството на нуклеарна енергија, а Индија, како и во случајот со извозот на нафта, е меѓу нив.

Доминацијата на нуклеарната енергија му помага на Путин да ја задржи својата позиција на светската сцена, иако САД и Европа се дистанцираат од него поради операцијата во Украина. Моди очигледно е посветен на долгата традиција на неврзаност на Индија, која и овозможува да тргува со Русија, додека останува пријател на Западот.

Продлабочувањето на нуклеарната соработка преку изградба на шест нови нуклеарни централи ќе ги поврзе Русија и Индија во наредните децении. Ќе бидат потребни години за самите да се изградат станиците, а за нив ќе биде потребно и редовно одржување, технолошки иновации и постојано полнење со ураниум, кој Русија го има во изобилство.

Русија ја загуби трката за обновливите технологии со Кина и многу заостанува зад САД во енергетската транзиција, имајќи при тоа прилично мал капацитет да произведува енергија од ветер и сончева енергија. Наместо тоа, Москва се потпира на извозот на нуклеарна технологија за приходи и влијание, нудејќи опсег од конвенционални нуклеарни реактори до мали модуларни реактори од следната генерација и високо збогатен ураниум, останувајќи единствениот светски производител во индустриски размери поради кој буди стравувања на Запад.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот