„Нуклеарна опција“ и санкции кои светот никогаш не ги видел: Планот на Бајден за Путин

Фото: EPA-EFE/MAXIM SHIPENKOV

Американските власти во моментов размислуваат за широк спектар на санкции против Русија, кои би требало да го одвратат рускиот претседател Владимир Путин од инвазијата на Украина, која наводно е планирана за јануари следната година. Доколку навистина има напад на украинска територија, Бајден подготвува „нуклеарна опција“.

Џо Бајден. / Фото: EPA-EFE/JIM LO SCALZO

 

Планот на САД вклучува нови акции против членовите на потесниот круг на Путин и главните руски производители на енергија, како и една потенцијална „нуклеарна опција“ – исклучување на Русија од меѓународниот платен систем SWIFT, кој го користат банките ширум светот.

Американските власти велат дека не е донесена конечна одлука за тоа дали и кога ќе се применат новите санкции, но администрацијата на Бајден во моментов е во преговори со европските партнери, од кои многумина имаат поблиски економски односи со Русија.

Соединетите Американски Држави се подготвени да преземат „значајни економски контрамерки“ со цел да нанесат „значајна и сериозна економска штета на руската економија“ доколку Путин започне воена ескалација во Украина.

„ Веруваме дека тука постои начин кој ќе ни овозможи да испратиме јасна порака до Русија дека ќе има реални и значителни и трајни трошоци доколку одлучат да извршат напад“, соопштија од администрацијата на Бајден.

Засега, веројатно е дека Америка ќе започне војна со руските олигарси, ограничувајќи ја нивната можност за патување и потенцијално прекинувајќи го пристапот до американските банкарски системи и системите на кредитни картички.

Фото: EPA-EFE/YURI KOCHETKOV

 

Европскиот парламент пролетта усвои необврзувачка резолуција, со која се бара таков потег доколку Русија ја нападне Украина, а САД за тоа разговараат со своите колеги од ЕУ.

Сериозна дискусија се води и за отфрлање на руските производители на енергија од должничкиот пазар во случај на инвазија.

„Составивме прилично агресивен пакет“, рече член на администрацијата на Бајден, предупредувајќи ја Русија дека доколку ја нападне Украина, САД и Европа заеднички ќе ги воведат најлошите економски санкции што некогаш биле наметнати на земја надвор од Иран и Северна Кореја.

Сепак, постои загриженост дека Русија би можела да возврати на Америка и нејзините сојузници.

Џозеф Бајден ги коментираше можните дејства во петокот, велејќи им на новинарите дека „го составува најсеопфатниот и најзначаен збир на иницијативи“, така што на Путин ќе му биде многу, многу тешко да продолжи со дејствија што го загрижуваат целиот свет.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ги спомена и можните санкции, пред виртуелната средба меѓу Путин и Бајден, која ќе се одржи во вторник.

Кремљ во понеделникот ги опиша извештаите за потенцијални санкции како „информативна хистерија“.

„Ова не е новост, туку континуирана информативна хистерија што ја гледаме деновиве во медиумите“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Новите извештаи на американското разузнавање проценуваат дека Русија би можела да започне воена офанзива против Украина за неколку месеци, бидејќи собира до 175.000 војници долж границата, запрепастувачка ескалација за која Бајден предупреди дека може да доведе до сериозни последици.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот