Новооткриени 57 случаи со ХИВ/СИДА, половина од нив во Скопје
Според податоците од Институтот за јавно здравје во 2019-та има 57 новооткриени случаи со ХИВ/СИДА, 16 повеќе од лани.
Меѓу новозаразените само 2 се жени, а повеќето мажи вирусот го добиле по хомосексуален пат. Просечната возраст е 34, а има и 19 годишни и лица над 50 години. Речиси половина од новите случаи се од Скопје, а инфицирани има и во други 12 градови.
Годинава во државата 700 лица бесплатно се тестирале за Хив. Само кај една третина вирусот бил навреме дијагностициран што е клучно за понатамошниот третманот. За 32 години од првиот случај во државата регистрирани се 460 лица со Хив/Сида, 104 починале.
Кумулативни податоци за Македонија за период 1987-2019 година
- Од 1987 до сега се регистрирани 460 случаи на ХИВ
- 404 (88%) се од машки пол а 56 (12%) се од женски пол
- 104 лица починале од причини поврзани со ХИВ
Начин на пренесување (трансмисија) на ХИВ
- 56% од случаите се кај мажи кои имале секс со маж,
- Хетеросексуалниот начин на пренос е регистриран кај 36% од случаите.
- Лица кои инјектираат дроги учествуваат со 2,5%.
- По 6 случаи се регистрирани кај лица со хемофилија (последниот пред 15 години) и пренос од мајка на дете.
Дистрибуција по возрасни групи
- 64% од лицата кои живеат со ХИВ во Р.С. Македонија се на возраст од 20-39 години
Состојба со ХИВ во Р.С. Македонија во 2019 година
- Пријавени се 57 нови случаи на ХИВ, од кои 55 се од машки пол
- Просечната возраст на новите случаи е 34 години (од 19 до 64 години)
- 44 лица или 77% се на возраст од 20 до 39 години
- 9 случаи биле на возраст од 40-49 години, еден на возраст од 19 години и 3 се постари од 50 години.
- 70% од случаите се мажи кои имале секс со мажи ( МСМ)
- 28% од лица пријавиле хетеросексуален начин на пренос
- 27 случаи се со место на живеење во Скопје
- 30 случаи се регистрираат од 12 други градови од Р.С. Македонија.
Оваа година за прв пат на Mеѓународниот ден за борба против ХИВ изостана официјална прес конференција од здравствените власти.