Во Стоби откриена скулптура на богот Дионис со пантер

Минатата недела на археолошкиот локалитет Стоби беше откриена мермерна скулптура со претстава на богот Дионис. Како што вели Златко Кованцалиев, Виш кустос за римски период, ова исклучително откритие е резултат на археолошките истражувања во рамките на летната интернационална школа за теренска археологија. Скулптурата која најверојатно била изработена во 2-3 век од н.е. е сочувана во височина од околу 50 см. Откриена во секундарен контекст, односно во остатоците од срушен ѕид од куќа од 6-иот век, каде била употребена како градежен материјал. Токму поради тоа недостасуваат главата, десната рака и постаментот со стопалата. Со оглед на тоа што во 6-иот век, христијанството е доминантната религија, чест е случајот на уништување и употреба на скулптурите на паганските божества од претходните векови како градежен материјал.

Новооткриената скулптура го претставува богот на виното, плодноста, театарот и религиозната екстаза потпрен на стебло обвиено со винова лоза од која висат гроздови. Дионис е полугол, со наметка околу неговото лево рамо и долната половина од телото. До неговата лева нога е претставен пантер, кој е еден од неговите главни симболи, покрај виновата лоза, бршленот, тирсот (специфичен стап со врв од шишaрка) икантаросот (пехарот) со вино. Инаку ова не е прва мермерна скулптура на Дионис во Стоби и во минатото се откриени една цела претстава, две глави и една рака. Сепак, ова е прва скулптурана Дионис од овој тип на локалитетот и нејзиното значење во поширок археолошки контекст ќе биде прецизно утврдено со понатамошните анализи.

Интернационалната школа за археологија во Стоби се одржува десетта година по ред и е резултат на соработката на Националната установа Стоби со фондацијата Балканско наследство од Бугарија. Оваа сезона,во школата учествуваат 17 студенти и волонтери од САД, Канада, Кина, Шведска, Ел Салвадор и Австралија. Стручниот тим од археолози при НУ Стоби кој ги реализира истражувањата се: м-р Златко Кованцалиев – раководител, м-р Јован Радњански – инструктор и м-р Гоце Павловски – инструктор.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот