Новоизбраните обвинители може да ги довршат старите предмети

Новоизбраните обвинители законски може да ги довршат старите предмети, со одлука на државниот јавен обвинител, велат правни експерти за „Слободен печат“. „Поштенска банка“, „Моќник“, „Титаник 2“ и „Друмарина“ се дел од предметите за кои во Кривичниот суд во тек се судски постапки, а застапувани се од некои од новоизбраните обвинители.

Обвинителите Фатиме Фетаи, Бурим Рустеми, Сашо Рајчев, Снежана Бундалевска и Наум Пановски вчeра беа избрани во Вишото обвинителство во Скопје. Активни во судниците во Кривичен суд ќе останат петтемина обвинители, кои беа избрани за Обвинителството за организиран криминал меѓу кои Лиле Стефанова, Артан Ајро и Трајче Пеливанов.

– Новоизбраните обвинители законски може да продолжат да ги водат тековните предмети кои ги застапуват, со одлука на државниот јавен обивинител. Нема законска пречка – вели адвокатот Асмир Алиспахич.

Државниот обвинителот Љубомир Јовески за „Слободен печат“ изјави дека во наредниот период ќе донесе одлука дали истите обвинители ќе продлжат да ги водат истите предмети, за да нема застој на работата и да има ефикасност.  

– Ќе видимие сега за секој предмет посебно дали обвинителот ќе може да го води, дали не ќе можe да го води тој предмет и така натаму. За секој предмет посебно се проценува.  Прво, од  овие обвинители што се избрани, некои има во Организиран криминал, некои има во Више Обвинителство, зависи по кои предмети постапуват. Во секој предмет ќе се гледа кој обвинител понатаму ќе го застапува предметот – изјави Јовевски.

Адвокатот Алиспахич има забелешка за самиот избор на новите државни обвинители.

– Сам по себе изборот е чуден. Зачудува и фактот што квалитетен обвинител како Ленче Ристовска не избрана, и уште други квалитени обвинители. Мислам дека треба да се повтори изборот. Исто така, ќе треба да се поработи околу критериумите за следните избори на обвинители – нагласува Алиспахич.

Ленче Ристоска, една од најекспонираните обвинителки на поранешното СЈО, не беше избрана во Вишото обвинителство, каде конкурирала. „За“ гласале четворица, а против биле седуммина членови на Советот на јавни обвинители. Од поранешните соработници на Катица Јанева, на огласите се пријавиле и обвинителите Елизабета Јосифовска и Љубомир Лапе, но ниту нив Советот не ги избра.

На овие забелешки Јовевски вели дека сегогаш имало незадоволства, но Советот застанал зад овие луѓе и „тоа е тоа”.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот