Ново сведоштво за пеколот на „Струма“, возач на камион бил првиот очевидец на трагедијата

Првиот очевидец на несреќата, Валентин Георгиев / фото: Нова.бг/принтскрин

За трагичната ноќ на бугарскиот автопат „Струма“, денеска за бугарската телевизија Нова раскажаа и двајца од првите очевидци на несреќата на автобусот на „Беса транс“. Ноќта меѓу понеделникот и вторникот, возачот Валентин Георгиев патувал од Софија до Благоевград.

„Најпрво мислев дека шумата гори. Пламените јазици беа огромни. Да не ве лажам, ама огнот сигурно беше 2-3 метри висок. Силен пожар“, вели Георгиев.

Валентин е првиот очевидец на големата трагедија и тој се јавил за да повика полиција. Кога се доближил, видел како гори автобусот. Потоа дошле полицајци и пожарникари.

„Камионот ми беше на стотина метри, јас бев првиот. И по некои 5-10 минути дојде вториот, третиот, четвртиот автомобил. Натрупани беа камиони. Кога излегов, слушнав врисоци. Преживеаните врескаа и плачеа, лицата им беа целите во крв, црни“, вели Георгиев.

Тој притрчал да им помогне. Првото нешто што го видел е човек, веројатно Љуљзим Сулејмани, кој се обидува да ја спаси својата девојка.

„Викаше, викаше: „Полиција, полиција“. Ја носеше девојката во раце, но ја испушти. Мислам дека имаше повреда на ногата бидејќи куцаше. И ја испушти на патот. Ја преместив девојката до крајот на автопатот. Мислам дека ѝ беа скршени нозете. Беше боса. На другата девојка ѝ беше ладно, ѝ дадов јакна да се стопли. Им дадов вода“, раскажува тој.

Георгиев видел и како татко се обидувал да го спаси синот од пламените јазици.

„Тој викаше дека неговиот син е внатре. Сакаше да оди до автобусот, во огнот, да го спаси синот. Но, јас го спречив да оди таму“, вели Валентин.

Полицијата и пожарникарите пристигнале за околу 20 минути. По нив и возилата на Итната помош.

„Од автобусот се слушаше само запалените стакла како се кршат. Несреќата очигледно се случила 10-15 минути пред да стигнам таму. И сега, очигледно, сите беа или задушени или веќе мртви. Трчав до камионот по вода, по цигари, по јакни, постојано трчав. И кога видов дека сите стојат во колите, им се развикав: да слезе некој да донесе уште вода“, вели Георгиев.

Се обидел да помогне и Емил Методиев, кој постојано се јавувал на бројот за итни случаи 112. Тој чувал градилиште во близина на местото на несреќата.

„Мислам дека предната гума пукна. Неколку секунди откако загрми, се појавија огнените јазици. И како што одеше надолу автобусот, зад него имаше трага од тие мали пламени. Кога застана, тој беше во оган. Не само напред, не позади, секаде. Кога дојдоа од противпожарната станица, веќе се гледаше конструкцијата на автобусот. Тие што беа внатре во автобусот, мислам дека немаа шанса да излезат од него. Ова не се заборава“, вели Методиев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот