Ново пакување за старите бугарски барања или формула за решение

Фото: Димитар Ковачевски/Фејсбук

За новите политички позиции на Македонија и на Бугарија денеска ќе разговараат експертите од двете министерства за надворешни работи. Аналитичарите тврдат дека има поместување од мртвата точка, но се сомневаат дека може да биде само маска зад која се кријат старите проблеми.

Двете различни најави за решение на спорот што пристигнаа од Софија и од Скопје по Минхенската безбедносна конференција засега се недоволно објаснети во јавноста и, според аналитичарите, неизвесно е дали тие ќе придонесат Бугарија до јуни да го тргне ветото од преговарачката рамка за Македонија со ЕУ. Бугарскиот премиер Кирил Петков најави дека со македонскиот премиер Димитар Ковачевски ќе достават заеднички предлог до Европската комисија во Брисел, како гарант дека Бугарите ќе влезат во македонскиот Устав во текот на пристапните преговори, во согласност со Копенхашките критериуми, а македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи обелодени дека македонската страна предложила сите елементи што се важни за нас, како и барањата на Бугарија, да се врзат во сеопфатен документ со временски рокови, со кој отворените прашања засекогаш ќе се затворат.

– Погрешна е перцепцијата дека најавата на еден сеопфатен договор, протокол, што е постоечки инструмент од Договорот од 2017 година, е некакво поместување од нашата позиција. Напротив, тоа е зацврстување на нашата позиција со гаранции дека веќе нема да има нови барања од бугарска страна – изјави Османи.

За новите политички позиции на Македонија и на Бугарија денеска ќе разговараат експертите од двете министерства за надворешни работи на втората средба што ќе се одржи во Скопје.

На маса е португалскиот предлог

Министерот Османи повтори дека целиот спор е започнат со тоа што Бугарија единствена од 27 членки на ЕУ ја оспорува преговарачката рамка поради прашањето на македонскиот јазик и имплементацијата на Договорот за добрососедство, кој ги вклучува говорот на омраза, прашањето на рехабилитација на жртвите од комунизмот, историските прашања, како и прашањето за внесување на бугарската заедница во Уставот.

– Македонската страна јасно кажа за што може, а за што не може да се преговара. Нашите позиции се целосно во согласност со нашата Резолуција во Собранието. Во однос на јазикот не расправаме и нема да направиме никакви компромиси. Нема да има во преговарачката рамка патоказ за имплементација на Договорот од 2017 година, не само поради тоа што ние не сакаме, туку поради тоа што земјите членки не дозволуваат билатерални прашања да влезат во процес преку кој една држава станува европска држава. Разговараме само за начините за надминување на ова прашање според Португалскиот предлог, во Советот за стабилизација и асоцијација како место каде што би се следела имплементацијата на Договорот – рече Османи за ТВ Телма.

Бугарскиот претседател Румен Радев вчера на средба со бугарските организации од Македонија побара јасни и категорични гаранции од Скопје за почитување на правата на Бугарите, односно нивното впишување во Уставот да се случи пред почетокот на преговорите со ЕУ, а побара и почитување на бугарското културно-историско наследство.

– Покрај сите чекори за соработка, сметам дека впишувањето на македонските Бугари во Уставот на РСМ треба да биде задолжителен услов за давање согласност од Бугарија за почеток на преговорите. Треба да се искорени говорот на омраза. Тоа не е мешање на Бугарија во внатрешните работи на Македонија. Тоа е израз на загриженост за РСМ и за нејзиниот пат кон членството во ЕУ – изјави вчера Радев.

Нема гаранција, ама има надеж

Според политичкиот аналитичар Петар Арсовски, работата се движи накај реална политичка волја за некакво решение и изгледа дека двете држави со силната динамика на средби се во трка да го стигнат јуни, кој како целата меѓународна заедница да го етаблираше како конечен.

– Колку што ги разбрав двајцата премиери, се работи само за внесувањето на Бугарите во Уставот и дека само за тоа двете држави се договориле да дадат заеднички писмо до Брисел и тоа има логика која е во следното: бидејќи ниту една од овие влади во двете држави не го контрола Собранието кое е неопходно за внесувањето во Уставот, Бугарија бара некакви гаранции дека тоа што е договорено ќе биде услов за која било наредна влада. И само во таа смисла има логика – рече Арсовски за „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ.

Преговорите што се во тек, вели тој, не се гаранција за успех, но барем постои надеж.

– Тешките теми сè уште не се начнати и не се затворени, но разводнувањето на прашањето дава некоја надеж. На тоа се надополнува целата геостратегиска ситуација на Балканот. Тие не можат да си дозволат големи конфликти во светот и таква студена војна како што сега изгледа ова, а притоа на Балканот сè уште да не е завршено прашањето за размена на територии со Косово, дали Босна ќе се распадне итн. – вели Арсовски.

Политикологот Благојче Атанасоски смета дека по големото проширување на ЕУ во 2004 година, „лончињата се целосно измешани“.

– Наместо од нас да бараат да ги исполниме Копенхашките критериуми како што важело за сите земји претходно, ние сме експериментални жртви на националните комплекси и фрустрации на балканските соседи, претходно Грција, сега Бугарија. Наместо да говориме за владеење на правото и правна држава, за економски развој и раст, ние зборуваме за вметнување Бугари во Уставот. Не сметам дека тоа ќе биде „решение“ бидејќи тоа може да изискува нови и нови барања, т.е. уцени, кои повторно ќе бидат „аргументи“ за нови вета од Бугарија – вели Атанасоски за „Слободен печат“.

Според Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика, последните најави на министерот Османи за сеопфатно решавање на отворените прашања внеле сеопфатна конфузија и натамошно продлабочување на поделбите.

– Покрај најавените протоколи на Договорот, се најавува и менување на преговарачката рамка, со наша согласност.  Бугарската страна своите ставови ги „обвитка“ во ново руво на Копенхашките критериуми, но остана на првичните барања во врска со македонската историја и идентитет – вели Ристевска Јордановска за Дојче веле.

Ковачки: Гаранции за јазикот и за историјата

Во преговорите со Бугарија не смее да биде оспорена македонската национална посебност, ниту пак засебноста на македонскиот јазик, вели Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

– Имаме информации дека дејствата на Ковачевски во процесот на преговори се многу подлабоки од менување на Уставот и внесување на Бугарите во Преамбулата. За оваа наша теза говори и фактот дека премиер кој води преговори, одби национално единство и подадена рака за преговори. Се случи да одбие неспорна декларација за Гоце Делчев, како и понуда да се разговара за секое отворено прашање. Затоа бараме писмени гаранции кон кои ќе се обврзе Бугарија, а зад чие барање ќе застане Ковачевски. Дополнително Ковачевски треба да побара гаранции и од Брисел дека нема да има повеќе кочење на патот кон ЕУ и безброј нови барања од Бугарија – рече вчера Ковачки.

Државна стратегија за надворешната политика

Советот на амбасадори порачува дека е крајно време претседателот, парламентарните партии, Владата и МНР да креираат и да усвојат визија, мисија и стратегија за спроведување на надворешната политика на државата, во соработка со научни, стручни и стопански институции, како и со поранешните претседатели и истакнати поединци.

– Покрај тоа, треба да одредат ниво на транспарентност во процесот на преговарање, донесување и потпишување мултилатерални и билатерални договори, кои ги допираат идентитетските прашања (нација, етникум, јазик, литература, култура, историја) на македонскиот и на другите народи во земјата, како и да се залагаат за непартизација на дипломатскиот сервис и негова  професионализација, според стандардите на ЕУ. Од моментот на  осамостојувањето, па сѐ до денес, Северна Македонија се наоѓала во состојба на разновидни блокади, уцени, ултиматуми и други видови препреки при зачленувањето на земјата во Обединетите нации, признавањето од Европската Унија и членството во НАТО. А, најгруба и во историјата на ЕУ досега незабележана блокада е поставена пред отпочнувањето преговори на земјата со најдемократската унија на држави. За некои од овие состојби, освен надворешниот фактор, одговорни се и сите политички партии, а најодговорни се најголемите – велат од Советот на амбасадори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот