Ново издание од „Макавеј“: Поетската книга „Од исто тесто“ носи стихови за смртта и надежта

Македонскиот поет Бранко Цветкоски ја објави новата поетска книга „Од исто тесто“, со поднаслов – стихови за смртта и надежта. Песните од книгата се настанати во последните четири години и ја претставуваат на извесен начин најзрелата поетска фаза на Цветкоски, кој низ гласот на вечно зачудениот творец ја воспева онтологијата на смртта како дел од филозофијата на човековото постоење. Обемното поетско дело на Цветкоски е проследено со две есеистички толкувања на поетот Санде Стојчевски и на владиката Давид Нинов.

Во својот разглед Стојчевски, меѓу другото, подвлекува: „Најновите песни на Бранко Цветкоски може уште долго, со високо отчетен критичарски јазик да се коментираат, да се толкуваат, да им се загледуваме во насетувањата, во питијските двојни текови, да им се вслушуваме во ехото, но тактичноста нè предупредува да не им пречиме на сите што влегуваат или се враќаат од текстот, од овие лирски беседи во кои пее дури и хоризонтот, кои се во дослух со сложените филозофски системи, па едноставно восхитот и оцената да ги искажеме преку парафраза на еден стих, благодарни за ефикасната позајмица на која ништо не треба да ѝ се додаде или одземе: Ух, какви песни!“

Епископот Давид, анализирајќи ги онтолошките допири на темите во книгата, од духовен аспект, констатира: „Цветкоски е сестрана поетска личност со издржана поетска онтологија, со неисцрпно богатство на јазикот, со дидактички и профетски дискурс, со ритам во гномичниот спев, со естетика и етика, кои имаат длабоки цивилизациски корени. Неговата нова книга отвора еден нов хоризонт на неговата полнозначна личност и го вкотвува на пиедесталот на македонската поезија. А, таквиот поет, и секој друг род, го чувствува за свој!“

Бранко Цветкоски е автор на 26 книги поезија, критика и есеистика и публицистика. Во 2014 година се печатени неговите „Избрани дела“ во шест тома. Објавил повеќе од 30 преведени и препеани книги од видни балкански, европски и светски поети, прозаисти и публицисти, главно репрезенти на словенските литератури. Одделни поетски книги или избори од поетското творештво на Цветкоски се преведени и објавени на 18 светски јазици.

Добитник е на 18 високи македонски и меѓународни литературни награди и признанија, како и на Државната награда „Свети Климент Охридски“ за долгогодишни остварувања во областа на културата и уметноста од интерес за Република Македонија, во 2009 година. Член е на Македонскиот ПЕН центар, на Друштвото на писателите на Македонија, на Словенската литературна и уметничка акaдемија со седиште во Варна (Бугарија) и нејзин коoрдинатор за Република Македонија и почесен член на Сојузот на бугарските писатели. Еден е од востановителите на Балканската книжевна фондација „Балканика“, основач на издавачката куќа „Макавеј“ и на списанието „Книжевно житие“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 38, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 4-5 јули 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот