Ново истражување на НАСА: Сатурн би можел да остане без своите прстени

Фото: Twitter/ NASA

Според новото истражување на НАСА, прстените на Сатурн во иднина нема да бидат видливи за луѓето кои го набљудуваат небото преку телескопи, пренесува „Си-ен-ен“.

Анализата на резултатите кои се добиени од мисијата „Касини“ на НАСА, која орбитираше околу планетата помеѓу 2004 и 2017 година, даде нови резултати за староста на прстените на Сатурн, вклучително и кога тие би можеле да исчезнат.

Нашиот Сончев систем и неговите планети се формирале пред приближно 4,6 милијарди години, а научниците долго дебатираа за староста и потеклото на прстените на Сатурн.

Некои астрономи тврдат дека светлите, ледени прстени се помлади од очекуваното, бидејќи не е забележано дека биле еродирани и затемнети од интеракциите со метеороидите во текот на милијарди години.

Фото: Instagram/ NASA

Податоците од мисијата „Касини“, која доведе до нови откритија, беа објавени во списанието „Икарус“ и „Сајенс Адванс“, кои ја поддржуваат теоријата за прстените на Сатурн.

„Нашиот заклучок е дека прстените на Сатурн се релативно млади, според астрономски стандарди, тие се стари само неколку стотици милиони години. Ако го погледнете сателитскиот систем на Сатурн, постојат други индикации дека таму се случило нешто драматично во последните неколку стотици милиони години. Ако прстените на Сатурн не се стари колку планетата, тоа значи дека нешто се случило за да се формира нејзината неверојатна структура, а тоа е многу возбудливо за проучување“, вели Ричард Дурисен, автор на една од студиите и професор по астрономија на Универзитетот во Индијана, Блумингтон.

Истражувачите веруваат дека седумте прстени на Сатурн биле формирани уште во времето кога диносаурусите талкале по Земјата. Прстените на Сатурн главно се составени од мраз, а само мал процент припаѓа на карпестата прашина, која е создадена во вселената од скршени фрагменти од астероиди и микрометеороиди.

Забележано е дека, додека метеороидите се инфилтрираат во прстените, тие со голема брзина туркаат материјал внатре во прстените на Сатурн. Така, прстените на планетата губат огромна маса во секунда, што е знак дека на прстените не им останува уште многу време до нивното исчезнување. Истражувачите проценуваат дека прстените ќе постојат најмногу неколку стотици милиони години.

„Покажавме дека масивните прстени како на Сатурн не траат долго. Може да се шпекулира дека релативно слабите прстени се остатоци од прстени кои некогаш биле масивни како оние на Сатурн. Можеби во блиска иднина, астрономски гледано, по колапсот на прстените на Сатурн, тие повеќе ќе личат на ретките прстени на Уран“, вели Пол Естрада, коавтор и научник од истражувачкиот центар на НАСА во Калифорнија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот