Ново истражување ги открива клучните елементи во трансмисијата на коронавирусот во зимските месеци

Човек со заштитна маска поминува на пешачки премин на улица во речиси празната 6та Авенија / Њујорк, Сад 15 април 2020/ Фото: EPA-EFE/JUSTIN LANE

Со доаѓањето на постудените месеци се соочуваме со нови предизвици во спречување на ширењето на пандемијата на новиот коронавирус. Двајца кипарски научници во новата студија откриваат клучни фактори во пренесување на заразата, а еден од нив е и брзината на испарување на контаминираните капки во воздухот.

Научниците од кипарскиот универзитет „Никозија“ објавија истражување за начинот на кој се шири коронавирусот, а имаат и совети за тоа како секој од нас може да придонесе за намалување на ширењето на заразата.

Докторот Талиб Дбоук и професорот Димитрис Дрикакис објаснуваат дека со нивното истражување дошле до заклучок дека постои комбинација на фактори кои влијаат на трансмисијата на коронавирусот и дека тие фактори се поврзани со брзината на ветерот, температурата на воздухот и релативната влажност на водухот.

„Нашето истражување покажа дека пренесувањето на коронавирусот е поизразено при температура на воздухот од 25 Целзиусови степени или пониска и при влажност на воздухот еднаква или повисока од 65 проценти. Тоа воедно објаснува и зошто вирусните инфекции почесто се шират во зима отколку во лето.“

Во истражувањето научниците ја откриваат најважната поврзаност на одржливоста на коронавирусот во воздухот.

„Коронавирусот се пренесува преку лебдечките контаминирани капки од устата и од носот на луѓето кои во себе содржат специфична концентрација на вирусни честички. Додека патуваат низ воздухот, капките испаруваат, што може да се поврзе со одржливоста на коронавирусот“, велат кипарските научници.

Со други зборови, колку побрзо контаминираните капки испаруваат, толку е помала одржливоста на вирусот во воздухот. Во таа смисла, високата влажност на воздухот, ниската температура и ветерот само придонесуваат или за побрз пренос или за послабо испарување и така ја зголемуваат одржливоста на вирусот во воздухот.

Тие веруваат дека при одредување на насоките за социјално дистанцирање би требало да се земе предвид брзината на ветерот и влажноста на воздухот.

За крај ги изнесуваат и своите препораки како луѓето да се заштитат од зголемената стапка на преживување и трансмисија на вирусот во воздухот во претстојните месеци.

1. Почитување на социјалното дистанцирање, најмалку два метра ако нема ветер, и до шест метри во случаи на зголемена циркулација на воздухот или посилен ветер.

2. Да се избегнуваат услови на зголемена релативна влажност на воздухот, особено во затворено.

3. Да се избегнуваат места со ниски температури.

4. Да се избегнуваат масовни собирања и места полни со луѓе.

5. Да се носат заштитни маски, особено во ситуации во кои блискиот контакт со други лица е неизбежен.

6. Да се избегнуваат затворени простори во кои има вентилатори и клима уреди.

7. Само природно да се прочистува воздухот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот