Новите врнежи ќе го зголемат водостојот на реките
Зголемување на водостоите на реките, пред се на оние во западниот дел од државата, се очекува со најавените нови врнежи од дожд.
За време на ноќта и утре наутро зголемен водостој се очекува во сливот на реките Радика, Сатеска, Ресенска и Колеска. Зголемен водостој се очекува и на водотеците и суводолиците кои доаѓаат од Шар Планина, горниот дел од сливот на реката Вардар, како и во сливот на реките Треска, Црна и Лепенец.
– Иако во источните делови врнежите се очекува да бидат послаби, натпросечен водостој се очекува и во сливот на реките Пчиња, Крива, Кумановска, Струмица и Брегалница. Значи се очекува будење и реакција на сите водотеци во земјава, но сепак најголемото зголемување на водостојот се очекува на реките од крајните запдни делови од земјата. Тоа што врнежите на планините ќе бидат во вид на снег претставува позитивна околност и ќе придонесе за намален доток на вода во реките, велат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Апелираат на внимателно движење покрај водотеците и суводолиците, особено покрај оние во западните делови од државата.