Новите униформи за војниците ќе стигнат во февруари наредната година

Воен претставник во Мисијата на НАТО се очекува да биде избран и испратен до самитот на Алијансата во Лондон, изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Таа појасни дека во Министерството за одбрана веќе бил распишан интерен оглас за пројавување интерес за оваа позиција и оти има листа на потенцијални кандидати.

– Имаме список на кандидати кои што ги исполнуваат одредените критериуми и уште во текот на денмешниот ден ќе имам средба со Претседателот и ќе разговараме за предлозите што јас ги имам или што тој ги има. Очекувам ова прашање навистина да се реши во следните денови. Подготовките за Самитот се веќе завршени и ние таму одиме со в.д. Амбасадор, појасни Шекеринска додавајќи дека именувањето на амбасадор во Мисијата во НАТО е во надлежност на МНР.

Таа додаде дека оваа година двојно била зголемена по бројност нашата Мисија во НАТО и во однос на цивилен и воен персонал и очекува до средината на следната година целосно да се комплетира воениот дел од Мисијата.

Запрашана за зголемениот обем на ставката за стоки и услуги во Буџетот за 2020 година, Шекеринска истакна дека најголем дел од тоа зголемување е заради зголемениот обем на меѓународни активности и испраќањето на повеќе луѓе во Мисијата на НАТО, за како и делот од годишната контрибуција за членството во НАТО кој го издвојува МО, како и трошоците во седиштето,односно во новата зграда на НАТО, кои по прв пат се издвојуваат. Но, потенцира, најголемиот дел од трошоците се стандарди трошоци за функционирање на Армијата и тука влегуваат исхрана, превоз, лична опрема, набавка на униформи, резервни делови за оджување неборбена и борбена техника и вкупните трошоци за обука, вежби и школување.

Во однос на обезбедување на новите униформи за припадниците на Армијата, Шекеринска истакна дека се доцни затоа што  претходната фирма со која бил склучен Договорот за нивна изработка не го испорачала потребниот квалитет и условите кои биле наведени. Затоа тој договор бил раскинат, била наплатена гаранцијата и почнале нов процес на јавна набавка кој траел извесно време.

-Штотуку заврши законската управна контрола од страна на Бирото за јавни набавки. Во текот на минатат недела траеше и период за можни жалби и јас очекувам дека оваа недела ќе го имаме договорот. Според елементите од договорот новата униформа треба да биде на располагање веќе од февруари. Она што направивме оваа година е и докомплетирање на свечената униформа. Очекувам дека и таа во следните два до три месеци ќе биде комплетирана. Наша цел е буквално членството во НАТО да го одбележиме со целосно нова униформа – и борбена и свечена, рече министерката за одбрана.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот