Новите предизвици на новата реалност

И додека можам да ги слушам сајбермузичарите да ми свират „на увце“ и да уживам, сајбертанчарите ќе мора многу да се потрудат да го почувствувам со сите сетила – „Лебедовото езеро“.

Излегоа тројцата на говорницата како тројца јавачи на апокалипсата и после добар ден, ништо добро не рекоа. Овие медицински експерти му се обратија на народот да му кажат дека се заканува втор бран, дека до средина на овој месец, а еве за ден два-сме средината, може да има до 50.000 нови случаи дневно и дека до средината на ноември би можело да има и до 200 смртни случаи, исто дневно. Сето ова ако продолжи тековниот раст на заразата. Овие тројца потоа кажаа дека истото, ако не и полошо, се случувало и во Јапонија и дека, според јапонските искуства, причината била трите „С“ – „closed spaces, crowded spaces and close contact settings“ – или во превод, затворени простори, преполни простори и можности за блиски контакти.

Едниот професор со пример сликовито ја објасни опасноста од викањето и гласното пеење, зашто ако сте во близина на гласниот викач или пејач, а тој е „вирусоносец“, тогаш… Е тогаш, тешко вас – ќе ве „истушира“ и евентуално, зарази, рече професорот, упатувајќи прекорен поглед за да допре до сите викачи и песнопојци неносачи на маски и недржачи на растојание.

Викам да те надвикам

Во сето лошо, некое добро? Пред некој ден имав (уште еден) интернет состанок на апликацијата „зум“, на кој бевме собрани луѓе од повеќе земји и континенти. Една учесничка, која не се согласуваше со нешто што беше кажано, почна толку многу да вика, да се уплаши човек, сајберпросторот се растресе и растрепери, а за моето срце, уши и духовен мир и да не зборуваме. На прашањето зошто вика и зошто се кара и расправа, одговори дека всушност таков и бил стилот на говорење, со викање, така и доаѓало, ама сме требале да знаеме дека не мислела никого да навреди, а ако некој се чувствувал навредено, е па нека извини.

Немаше посреќен од мене, а мислам и некои други, поради тоа што контактите беа на интернет. И кога состанокот заврши.

Добри се овие состаноци на интернет, барем што се однесува до заштитата од зараза. Но, за последиците по менталното здравје, не баш. Инаку, случајно или не, „викачката“ по потекло беше од – Македонија. Ех, имаше едно време емисија на радио „пеам да те натпеам“. А сѐ уште ги има многу кои практикуваат „викам да те надвикам“. И ајде после кажи нешто..

Англиски ковид семафор

Потоа излегоа уште тројца јавачи на апокалипсата. Премиерот на средина, канцеларот Сунак лево од него и главниот ковид-19 советник Вити десно, да кажат дека со оглед на тоа дека луѓето по летните одмори кога не можеа некаде посебно да одат, освен главно на „блиските излетнички места“ се отпуштиле,  сега ќе има нови мерки. И дека земјата влегува во нова, пресудна фаза од битката против корона вирусот.

Според новиот пристап, локалните власти се поделени на три „локал ковид нивоа на свесност“ –  ниво еден (1) именувано како  средно, ниво два (2) именувано како  високо и ниво три (3) именувано како многу високо или, што би рекла јас – ептен високо, подобро не прашувајте, за никаде е работата, а други можеби би рекле нешто друго… Ова е направено, рече премиерот, за да се одбегне целосно блокирање на земјата, поточно на Англија, зашто другите делови ќе следат или ќе носат свои правила, што само ја отежнува ситуацијата. И за да се спречи евентуалната големата цена во човечки животи и економиски загуби која се заканува со предвиденото ширење на пандемијата.

И сега со овој семафор систем, бараме кој во која зона живее, односно на кое ниво му е местото на живеење. Јас сум на прво ниво, маски цело време и ресторани до десет навечер, ама Теута, на пример, е на трето ниво во Манчестер и таму е она третото, за никаде работата, па ќе се видиме некаде евентуално, ако сѐ биде во ред, а ќе биде, догодина ова време.

Сајбертанчари

Зборувајќи за сајберконтакти на кои изгледа сме осудени на подолго време, владата, освен што продолжи финансиски да помага некои вработени на принуден одмор со две третини од платата, да нуди кредити и да исплаќа социјална заштита без многу да проверува кој и како бара (имаше тука скандал со снаодливи Балканци, кои аплицираа повеќепати и незаслужено, откако видоа дека системот им верува „на збор“, па „им тргна“), нуди и преквалификации. Така се појави и постер со кој се повикуваат балерините и балетаните и другите танчери да се преквалификуваат и да станат стручњаци во сајбертехнологија. Советникот Леон Емирали вели дека во некој момент во иднината сите ќе бидеме соочени со непријатната вистина на оваа пандемија: ковид-19 испишува нови економски правила по кои сите ќе мора да играме. И, колку порано се соочиме со нив, толку подобро.

Историјата, вели тој, е послана со примери како длабоките промени доведуваат до поголем просперитет и напредок. Никој не сака да види уметноста да исчезне, вели тој, но ние мора колективно да ги рекалибрираме нашата умешност, квалитети и потенцијал и да гледаме кон иднината со, барем трошка, оптимизам. По толку години стабилност во професијата, од пресудна важност е да бидеме со отворен ум кога се работи за животните можности кои им се нудат на милиони луѓе кои ги губат или ќе ги загубат своите работни места поради оваа пандемија.

И додека можам да ги слушам сајбермузичарите да ми свират „на увце“ и да уживам, сајбертанчарите ќе мора многу да се потрудат да го почувствувам  со сите сетила – „Лебедовото езеро“. Новата реалност поставува нови предизвици.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот