Новите бугарски документи камен на сопнување на европскиот пат

Македонското и бугарското знаме / Фото: МИА

Дали на повидок се нови „сопки“ од Софија за македонската дипломатија околу Протоколот и рамката за преговори со Унијата пресликани во Францускиот предлог?

Можно ли е да дојде до нови бугарски условувања преточени во „документ“ кон Македонија, со кои ќе се наложат нови задачи за исполнување на земјава како услов за продолжување на нејзиниот евроинтегративен процес започнат неодамна во Брисел. Дали на повидок се нови „сопки“ од Софија за македонската дипломатија околу Протоколот и рамката за преговори со Унијата пресликани во Францускиот предлог?

Ова се дел од дилемите во домашната јавност откако завчера бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков, изјави дека институциите во Бугарија треба да изготват нов „писмен документ“ со кој јасно ќе се дефинираат обврските и задачите на официјална Софија во дијалогот со Скопје.

Опозицијата и дел од експертите се сомневаат дека следуваат нови, бугарски условувања.

Нано Ружин, поранешен амбасадор во НАТО / Утрински брифинг

Поранешниот амбасадор во НАТО, Нано Ружин за „Слободен печат“ вели дека она што е веќе потпишано со Бугарија е завршена работа. Според него доколку има нешто дополнително тоа би биле дообјаснувања кои пред да се прифатат, македонската страна добро треба да ги проанализира.

 

– За ваквиот чекор на бугарскиот шеф на дипломатијата Милков, постојат повеќе објаснувања. Прво во Бугарија набргу престојат парламентарни избори и на големо е започната кампањата. Темите за Македонија привлекуваат одреден број на гласачи, бидејќи и таму и овдека овој компромис преточен преку француски предлог беше прифатен и истиот наиде на критики во јавноста кај двете страни – појаснува Ружин.

Тој вели дека секогаш треба да бидеме оптимистички настроени кога станува збор евроинтеграциите на земјава а ваквите провокации, појаснувања или дојаснувања кои доаѓаат од Бугарија во суштитна се завршена работа и од тоа нема мрдање.

– Договорот е јасно и децидно потврден и потпишан од двете страни. Така што нови барања не доаѓаат во предвид. Бугарската страна може да има одредени толкувања на некои елементи, но нови барања се надвор од секоја логика и тоа не е вопшто предвидено ниту кај нас ниту во ЕУ – оценува дипломатот Ружин.

Ружин објаснува дека како ќе се приближуваа датумот на изборите во Бугарија така провокациите од Софија ќе се зголемуваат, а на нас ни останува да се фокусираме на исполнувањето на европските критериуми.

Ристо Никовски / Фото: Архива на Слободен печат

Од друга страна пак поранешниот амбасадор Ристо Никовски коментирајќи ја актуелната состојба во односите на двете земји вели дека проблемите со Бугарија што туку се започнати. Никовски посочува дека бугарските барања за наши отстапки во однос на јазикот никогаш не сопреле, па така нема ни сега.

 

– Никој да не се залажува дека проблемите со Бугарија се завршени. Тие се само започнати, префрлени во Брисел а Бугарија само ќе додава свои нови барања, услови, уцени… Кога веќе имаат нов министер за надворешни работи, кој сака да ја покажува својата личност, своите амбиции, и да биде поголем национал шовинист од другите вакви работи ќе има повеќе. Тоа е сосема нормално кога веќе увидоа дека од друга страна имаат овци кои се прифаќаат – посочува Никовски.

Политички аналитичар Милан Стефаноски

Политикологот Милан Стефановски објаснува дека како и во минатото и со сегашната влада раководи претседателот Румен Радев, кој како што додава е конзервативен во однос на билатералните односи меѓу Софија и Скопје.

 

 

„Моите очекувања се дека овој документ ќе ги намали можностите за било какво заобиколување околу толкувањето на Билатералниот протокол којшто беше потпишан и ги врза рацете на некоја друга идна влада во нејзиниот евентуален добронамерен пристап. Овој документ би ги стеснил маневарските рамки и би инсистирал таа да не излегува од некои тврди бугарски националистички позиции – вели Стефановски .

Инаку, македонското министерство за надворешни работи ги отфрла сите наводи дека се подготвуваат нови обврски за двете држави надвор од договорените принципи во меѓусебниот Протокол. Реакцијата на МНР следува откако завчера новиот шеф на бугарската дипломатија Николај Милков најави усвојување на писмен документ, што ќе ги дефинира задачите на институциите во Бугарија со конкретно утврдени обврски за дијалогот со Македонија.

 

Видео на денот