Новиот светски поредок: тенковската сага

Методи Хаџи-Јанев / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Борбата за Украина е егзистенционална за либерално-демократскиот блок, бидејќи евентуален пораз ќе значи губење на тронот во натпреварот за новиот светски поредок. Украина е битна бидејќи таа треба да дефинира дали ваквиот пристап на предизвикувачите ќе биде преседан кој ќе прерасне во пракса, па Кина ќе има своја приказна во Тајван, Иран на Блискиот Исток, Северна Кореја врз Јужна Кореја итн.

Во серијалот што го ветивме во оваа расправа ќе се осврнеме на слабостите кои може да го попречат Западот да се справи со предизвикувачите или, во крајна линија, да се позиционира подобро во новиот мултиполарен свет кој е во зародиш. Силната пресија на предизвикувачите длабоко притиска и ќе се храни од неединството на таборот (сметаат дека е дојдено времето Западот да го напушти тронот во диктирање правила и принципи во светот). Со други зборови, според предизвикувачите, генерално авторитарни режими предводени од Кина и Русија, (за повеќе видете во минатите расправи) дојдено е време да се стави крај на приказните за свет со принципи и правила кои се креирани по теркот на западнолибералната доминација.

Приказната околу тенковите и одбивањето на Шолц да испорача „Леопарди“ (германски тенкови верзија 2), но наводно и да дозволи „реекспорт“ на вакви тенкови од страна на земји членки на НАТО и на партнерите во Украина создаде нов фронт за докажување и убедување, но и за подривање на коалицијата против Русија во Украина. Анализата со критички осврт на либерално-демократскиот блок (кој генерално е предводен од традиционалниот Запад, и секако со земјите од централна и источна Европа – ние сме тука секако, како и оние од Балтикот и од Северна Европа) во големиот геостратешки натпревар за новиот светски поредок нема да биде сериозна ако не се гледа низ перспективата на Украина. Борбата за Украина е егзистенционална за либерално-демократскиот блок, бидејќи евентуален пораз во Украина ќе значи пораз и губење на тронот во натпреварот за новиот светски поредок. Украина е битна бидејќи таа треба да дефинира дали ваквиот пристап на предизвикувачите ќе биде преседан кој ќе прерасне во пракса, па Кина ќе има своја приказна во Тајван, Иран на Блискиот Исток, Северна Кореја врз Јужна Кореја итн.

За да не бидеме сфатени лошо, не дај боже некој квазилиберал да сака да „најде влакно во јајцето“ па да го изрелативизира сето ова местејќи го тежиштето на аргументацијата, само да појасниме – пораз во генерална смисла (иако тоа не значи дека од хумана гледна точка е правилниот избор) е Украина да се подели (независно дали тоа е сé што ќе сака да постигне Русија). Победа пак, во генерална смисла значи Русија надвор од териториите на Украина, и тоа пред 2014 година, значи надвор од Крим. Последното е битно бидејќи сé друго е „паламудење“ и релативизација на тоа што е пораз, а што победа. За да останеме фер во наредниот број ќе ја имаме истата претпоставка и услови кога ќе се осврнеме на критиката врз предизвикувачите. Во таа насока речиси и да нема подобар почеток во критиката на либерално-демократскиот блок од цитат, кој за волја на вистината е парафразирање на Наполеон и после него на Молтке, германскиот стратег. Наполеон, борејќи се против коалиција смело изјавил: „Ако сакате да победам дајте ми да се борам против коалиција и ќе ви донесам победа“. Молтке, пак нешто подоцна ќе изјави: „Борејќи се против коалиција сé помалку сум импресиониран од Наполеон“. Да скратиме, поентата на цитатите е во експлоатација и потхранување на разликите помеѓу сојузниците. Врз основа на тоа, поентирање преку разликите кои постојат и кои ја „цепат“ коалицијата.

Гледано низ призмата на Украина, како што рековме (иако дебатата и анализата може да има поопшт контекст за кој, за жал, немаме простор), иако НАТО иницијално има единство околу поддршката на Украина, пукнатините во коалицијата се околу две суштински работи. Прво, стратегијата за тоа како Украина треба да продолжи понатаму и во склад со тоа која е улогата на НАТО. Второ, кои се непосредните критични побарувања/потреби за силите на отпорот во Украина за да може да ги заокружат или да ги освојат центрите на гравитација и со тоа ја поразат Русија. Брзањето на Британија (посебно на министерот за надворешни работи на ВБ Џејмс Клеверли, по посетата на Вашингтон минатата недела) и во исто време одбивањето на Шолц или германското НЕ за тенковите „Леопоард-2“ да бидат испорачани во Украина, не е без причина. Планирањето офанзива – оние кои се занимаваат со оваа професија знаат – бара време и подготовки за подигање на капацитетите на оној што треба да ја реализира таа офанзива. Тие капацитети треба да бидат во склад со стратегијата и сходно на тоа оперативата и тактиката кои ќе ја оформат доктрината за да ја операционализирате стратегијата. Со други зборови политичката рамка и одлука да ја пренесете во пракса. Тука се појавија и разликите. За разлика од британската визија која заговара и верува во победа, и во склад со тоа инсистира на што повеќе опрема која е потребна за силите на отпорот да се спротивстават на гигантот Русија, првата пречка се појави кај САД. Експертите таму имаа поинаков став, сметајќи дека треба да се биде внимателен да не се случи Украина од отсуство на ресурси да биде пренатрупана со ресурси, што може да создаде оперативен, но и логистички хаос. Внимавајте, не е битно само да имате ресурс, туку е битно како ќе го употребите, но и како ќе го одржувате (поправате, заменувате делови или ќе го потхранувате со енергенси за да може да функционира).

Во тој дух, важноста на разликите во перцепцијата можеби најсилно одѕвонуваат во ставот на Мајли (шеф на здружениот штаб на вооружените сили на САД) кој изјави дека за оваа година ќе биде многу, многу тешко да се истераат руските сили од територијата на Украина. Сепак, најголемата сага во ова стратешко разидување ја предизвика Шолц со упорното одбивање да испорача тенкови. Ваквиот пристап на Шолц отвори неколку прашања кои според критичарите може да се покажат како суштински предизвик за западната коалиција. Прво, дали сите во коалицијата се на иста линија околу тоа која е крајната цел во Украина и во крајна линија дали сите се искрени во намерите.

Критиките се движат од тоа дека двата моќника во Европа, иако имаат разлики во визијата за ЕУ, се уште дрмаат и одлучуваат за тоа кој е кој во ЕУ. Дотаму дека со ова само ќе се зацврсти потопот на старите играчи и раѓањето на нова пофлексибилна елита во ЕУ, особено после изјавата на полскиот премиер дека е можна и коалиција за испорака на тенкови и без Германија (за ова дебатиравме во неколку наврати). Второ, важноста на тенковите „Леопард-2“. Додека на една страна експертите во зависност од политичката блискост либерално забегаа во изместување на тежиштето на аргументацијата преку техникалии кои речиси и да немаат врска со аргументацијата. На пример, дека тенковите „Абрамс“ и другите ќе бидат проблематични, наидоа на контра критика која ги потопи ваквите тврдења, особено давајќи примери за тоа дека на други боишта (надвор од европско тло) се испорачани вакви тенкови (внимавајте, „Абрамс“ се направени главно за европско тло на војување и тоа против никој друг, туку против Русија). За да не замерите дека кај нас нема релевантност оваа расправа би додал само два аргументи кои ќе го побијат тоа. Најпрвин, ние сме НАТО и тоа нас нé засега, оти ние веќе имаме страна. Понатаму, ова е доказ дека кај нас има сериозна криза на лидери во безбедносниот сектор бидејќи одредени поранешни министри за одбрана нé убедуваа дека тенковите се истрошена работа (иако ова остави стратешки празнини). Третата можеби најсериозна критика е малку посуштинска или би рекле базична. Се темели на бегањето од вистинскиот либерално-демократски центар. Еве за што се работи.

На контото на нихилизација на противникот, преку бришење руски значајни личности кои имаат историска важност за човештвото, според одредени критичари сега се појавува една опасна нихилистичка реторика, која ја поткопува самата либерално-демократска идеја. Во таа реторика немате право на избор, став кој е различен од тој на оние со кои се обидувате да дебатирате, ако е во рамките на либерално-демократскиот аргумент. Секоја разлика или несогласување, како она на Шолц, според ваквите гледишта се интерпретира како непријателско, па се оди дотаму да се прават оцрнувања. Во таа насока, повторно без да заземаме страна, дел од критиките укажуваат дека нападите врз Шолц и врз неговиот кабинет одат дотаму што се вади целиот валкан веш, дека, на пример, Шолц во младоста бил антинатовец.
Проблемот би рекле дека е суштински, бидејќи и Хавиер Солана беше притворен поради демонстрации против НАТО, па стана генерален секретар на НАТО, ама тогаш немаше вакви критики за него. Во тој дух, критиката за ваквиот екстремен пристап се гради врз тезата дека тоа е одраз на авторитаризмот, оние против кои треба либералната демократија да опстои. Со други зборови, би рекле дека токму тоа може да биде најсилното оружје на авоткратите и на сите кои ја манипулираат либералната демократија во отпочнатата геостратешка компетиција. Во наредниот број ќе се осврнеме на критиката за предизвикувачите во трката по новиот светски поредок.

(Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот универзитет во Аризона, САД)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот