Новиот менаџер на Јунајтед најавува крај на доминацијата на Сити и Ливерпул во Премиер лигата

Ерик тен Хаг е новиот менаџер на Манчестер јунајтед/ фото: EPA-EFE/Vince Mignott

Манчестер јунајтед денеска и официјално го промовираше новиот менаџер, Ерик тен Хаг, кој уште во првиот говор најави крај на доминацијата во Премиер лигата на Манчестер сити и на Ливерпул.

Тен Хаг вчера присуствуваше на последниот натпревар на Јунајтед сезонава, но „црвените ѓаволи“ разочараа губејќи од Кристал Палас со 0:1.

– Среќен и возбуден сум што сум тука. Дочекот во клубот беше пријатен и едвај чекам да почнам со работа. Ова е мојот нов дом и сакам да имаме успеси. Имав добро чувство на средбите со челниците на екипата. Имам план и сега мора да го исполниме – рече Тен Хаг.

Холанѓанецот кој со Ајакс ја освои титулата во холандскиот шампионат, смета дека моментниот тим на Јунајтед има голем потенцијал, но најавува промени.

– Веќе ја анализирам ситуацијата во тимот, но се радувам што ќе работам со овие играчи. Минатата сезона, овој тим на Јунајтед заврши на второто место во Премиер лигата и тоа е доказ дека има потенцијал. Во моментов не размислувам дали можеме да ја освоиме титулата во Премиер лигата иако сакаме да победуваме на секој натпревар. Но, ќе одиме натпревар по натпревар – додава Тен Хаг кој притоа порача дека главната цел како менаџер на Јунајтед му е да ја прекине доминацијата на Манчестер сити и на Ливерпул во Премиер лигата.

– Премиер лигата е фантастично натпреварување. Веќе имав против себе големи тренерски имиња и екипи од Премиер лигата и знам како да се спротивставам. Но, јасно е дека Премиер лигата е најсилна лига на светот и едвам чекам да започне новата сезона. Сити и Ливерпул играат фантастичен фудбал, но на секоја ера и доаѓа крај.

 

Видео на денот