Новиот лидер на Хамас е енигма за Израел-го нема во јавност, непознато е каде се крие и како ги издава наредбите

Фото: EPA-EFE/MOHAMMED SABER

Јахја Синвар беше на врвот на листата на најбарани во Израел по нападот на Хамас врз Израел, меѓутоа, новоименуваниот шеф на палестинската група остана мистерија  како и секогаш.

Израелските команданти сè уште веруваат дека Синвар (61) се крие во лавиринтот од тунели што Хамас со години ги гради под Појасот Газа. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во декември објави дека армијата го опколила домот на Синвар, но оттогаш нема многу информации за тоа каде се наоѓа.

– Има многу неодговорени прашања. Сосема сум сигурен дека има многу места каде што може да се скрие додека околу себе има многу мажи кои навистина му се лојални и кои го поддржуваат – вели израелскиот аналитичар и поранешен советник во Министерството за одбрана Мајкл Милштајн.

Сликите на Синвар беа ретки дури и пред нападот врз Израел на 7 октомври минатата година, што резултираше со смрт на 1.198 луѓе, главно цивили, според извештајот на АФП врз основа на официјалните израелски податоци.

За време на нападот, милитантите на Хамас киднапираа 251 лице, од кои 111, наводно, сè уште се заробени во Појасот Газа – вклучително и 39 заложници за кои израелската војска вели дека се мртви.

Во израелската воена кампања на одмазда оттогаш загинаа речиси 40.000 луѓе во Појасот Газа, според палестинското Министерство за здравство на територијата под контрола на Хамас, кое не дава конкретни бројки за смртни случаи на цивили и милитанти.

Синвар не е виден во јавноста по нападот.

Јахја Синвар, новиот политички лидер на Хамас/ Фото: EPA-EFE/MOHAMMED SABER

Во февруари, израелската војска објави нејасна видео снимка од човек за кој рече дека е Синвар кој шета низ тунел на 10 октомври, три дена по смртоносниот напад врз Израел. Црно-бело видео од надзорна камера е пронајдено за време на воена операција во Појасот Газа.

– Видеото е резултат на нашиот лов. Ловот нема да престане додека не биде фатен мртов или жив. Решени сме да го фатиме – изјави портпаролот на израелската армија контраадмирал Даниел Хагари.

Хагари нагласи дека се важни и разузнавачките информации што армијата може да ги извлече од видеото и кои ќе помогнат во пронаоѓањето на други водачи на милитантите. Министерот за одбрана Јоав Галан тогаш тврдеше дека Синвар бил во бегство и дека се движел од скривалиште во скривалиште.

Израелската војска неодамна објави дека во јули го ликвидирала  Мохамед Деиф, шефот на военото крило на Хамас, за кој се верува дека е еден од планерите на нападот на 7 октомври, заедно со Синвар.

Синвар, наводно, се сретнал со заложниците кои сè уште се држат во Појасот Газа.

Еден од ослободените затвореници тврдеше дека го видел Синвар кога беше склучен еднонеделен прекин на огнот на крајот на ноември и десетици заложници беа ослободени во замена за палестинските затвореници.

– Користејќи сложени средства, Синвар комуницира со целото раководство на движењето и внатре (Појасот Газа) и надвор, но и со бригадите Ал-Касам. Тој ги следи сложените безбедносни процедури за неговата лична заштита, но тоа не го спречува да продолжи со своите должности и да донесува одлуки – изјави за АФП висок лидер на Хамас кој сакаше да остане анонимен, додавајќи дека Синвар наскоро за пв пат ќе   зборува за главните причини на  неговото назначување за шеф на Хамас.

Отсуството на Синвар поттикна многу шпекулации за неговата локација. Некои тврдат дека го виделе како шета по улиците на Газа за да дојде на состанок или да се сретне со палестинските семејства раселени од војната, но нема потврда за тоа. Израелските медиуми, исто така, објавија анегдоти и аспекти на неговата личност од многумина кои поминале време со него во израелските затвори каде што бил затворен 23 години.

Дипломатите и новинарите често шпекулираат за тоа како врховниот лидер на Хамас би можел да комуницира со други претставници на движењето надвор од Појасот Газа, имајќи предвид дека тој е вклучен во индиректни разговори за прекин на огнот со Израел и дека му требаат денови за неговите одговори да стигнат до нив.

– Нема да ме изненади ако биде опкружен со заложници како штит. Синвар разбира дека на Израел ќе му биде потешко да го нападне доколку биде заштитен од заложници – рече Милштајн.

Аналитичарот наведува дека Синвар има многу луѓе кои го почитуваат додека другите се плашат од него.

– Мора да добие помош од жителите на Појасот Газа кои или се плашат од него или се придржуваат до идеологијата на Хамас – вели Милштајн.

Повеќето експерти ја отфрлаат верзијата дека Синвар го напуштил Појасот Газа.

– Тој не  се плаши од смртта… Командантот не ги остава сам  своите воини – изјави израелскиот воен историчар Гај Авијад.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот