Новиот изборен модел ќе го гледаме само во дебати

Фото: Слободен печат

Ако не се промени изборниот модел што ќе овозможи влез на повеќе партии во Собранието, може да не добиеме кредибилен парламент поради потенцијалниот слаб одзив на гласачите, а ако се воведе нов модел на гласање со една изборна единица, па и со отворени листи, можно е да го промашиме најдобриот модел за Македонија и да заглавиме со неефикасно Собрание и нестабилна Влада. Во ситуација кога до предвремените парламентарни избори има само пет месеци, деновиве интензивно се дебатира за промена на изборниот модел и во „пет до 12“ се покренуваат иницијативи во Собранието, се учествува во тркалезни маси и се ветува промена за изборите во април, но впечатокот е дека возот само се ниша, а не патува никаде, дотолку повеќе што и според меѓународните стандарди не е прифатливо да се менуваат правилата на игра на помалку од шест месеци пред изборите.

Нема консензус

 

Премиерот Зоран Заев завчера најави дека СДСМ ќе даде поддршка на иницијативата на 12 пратеници на кои им се приклучија уште тројца, за промена на Изборниот законик, но само за делот Македонија да биде една изборна единица, а не и за барањето да нема изборен праг и да се гласа на отворени листи. На завчерашната тркалезна маса во Собранието што ја иницираа помалите партии тие побараа отворените листи да се практикуваат од следните локални избори во 2021 година, мажите и жените на нив да се застапени со по 50 отсто, а во спротивно нема да гласаат за нов изборен закон. Но, за нов изборен закон нема да гласа ниту ВМРО-ДПМНЕ, а ниту ДУИ, кои вчера не учествуваа на дебатата.

Според генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев, нема време за промена на изборниот модел, а разговорите меѓу работните групи за имплементација на препораките на ОБСЕ и ОДИХР во законските измени се во напредна фаза.

– Во тие препораки нема ништо за една изборна единица или за отворени листи, туку се работи за недоречености и контрадикторности во законот – рече Јанушев и повтори дека предлогот на ВМРО-ДПМНЕ е мнозински модел со 120 изборни единици, за кој посакуваат да биде донесен со консензус.

Според пратеникот Артан Груби од ДУИ, апсурдно е да се дискутира за изборен модел пред избори.

– ДУИ знае што е најдобро за ДУИ, но и за граѓаните. Тркалезната маса беше неформална средба, ние остануваме на формалните ставови. Веќе сме усогласиле текст на закон. Во тој предлог не се дискутира за измени – рече вчера Груби.

Премиерот Заев на дебатата истакна дека со промена на моделот во една изборна единица добива демократијата, а најмногу ќе изгубат најголемите партии.

– Имаме многу политички партии и тоа само по себе е причина за разбивање на бипартизмот на македонскиот и на албанскиот политички блок. Време е за исчекор. Опцијата за коалициски настап останува и во една изборна единица. Тоа е опција на поголемите и на помалите партии, но сега имате избор, ниту поголемите да велат дека помалите бараат многу или пак тие да велат дека не им се дава ништо, а имаат гласови. Тоа тешко се мери, но имаме демократска опција и секоја партија може да избере дали да оди сама или во коалиција на избори – рече Заев и оцени дека сегашниот модел создава ризик од  автократско однесување.

Или по наше или не гласаме

 

Иницијативата за промена на изборниот модел најави дека набрзо ќе поднесе закон за измени на Изборното законодавство.

– Бараме да бидеме вклучени во преговорите за Изборниот законик. Едногласни сме за поддршката на една изборна единица како модел и согласни сме дека нема да гласаме за Изборниот законик без внесување на овој модел – изјави Лилјана Поповска од ДОМ, која е меѓу 15-те пратеници што стојат зад иницијативата.

Според независниот пратеник од Ферид Мухиќ, два милиона луѓе многу подобро би можеле да ја изразат својата волја преку еден изборен модел. Претседателката на ДОМ Маја Морачанин смета дека со една изборна единица ќе има подобро претставување на граѓаните, ќе нема потреба од големи предизборни коалиции, а изборот на пратениците нема да биде воден од најтесното партиско раководство, туку од граѓаните. Дритон Сулејмани од Алтернатива рече дека сегашниот модел ја задушува демократијата, бидејќи ги фаворизира големите партии, а претставникот на ПЕИ Фијат Цановски, смета дека со сегашните различни изборни единици тежината на пратениците е несоодветна, а со еден изборен модел и помалите партии би дошле до свој претставник.

Според лидерот на НСДП, Тито Петковски, воведувањето на една изборна единица наместо постоечките шест е демократска трансформација на политичкиот систем.

– На тој начин ќе се зголеми репрезентативноста на Собранието и ќе се даде дополнителна демократска вредност во севкупниот политички живот. Деконцентрацијата на политичката моќ од големите политички парти кон помалите може да доведе само до поквалитетен политички натпревар на идеи и ставови – смета Петковски.

Според ВМРО-Народна партија, има доволно време промената да се усвои и да имплементира уште на претстојните предвремени парламентарни избори.

„Ја поздравуваме иницијативата на премиерот Заев за чинот на усогласување на единствен став во парламентот“, соопшти вчера партијата.

Лидерот на ЛДП Горан Милевски деновиве од Битола порача дека се подготвени да ги прифатат промените и да важат и од следните парламентарни избори.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова завчера на тркалезната маса побара веднаш да се отвори Изборниот законик и да се одлучува во Собранието, доколку, како што рече, дебатата не е само фарса.

– Граѓаните се изморија од двопартискиот систем. Сега е време, а не за локалните избори. Веднаш треба да го отвориме Изборниот законик и да се видиме на дебата во Собранието. Во спротивно, ова е фарса – рече Рангелова и додаде дека не се согласува со ставот за мнозински модел на нејзината партија.

Новаковски: Големите дебатираат за да им удоволат на малите

 

Поранешниот претседател на ДИК Александар Новаковски во изјава за веб-порталот „Слободен печат“ вели дека промена на изборен модел на шест месеци пред избори е апсолутно неприфатливо, имајќи ги предвид меѓународните стандарди за избори. Тој посочува дека ОБСЕ и ОДИХР предвидуваат една година.

– Ако стануваше збор за редовни избори, тогаш ова прашање се отвори навреме, но бидејќи времето е кратко до април, треба да остане стариот модел. Ако партиите се сериозни и навистина мислат за во иднина, тогаш оваа сегашна дебата треба да важи за некои идни избори – вели Новаковски.

Тој смета дека најверојатно целта на ваквата дебата за една изборна единица и отворени листи е да им се удоволи на помалите политички партии пред избори за евентуални идни коалиции.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот