Новиот играч на Вардар, Кудуз: Избркан од станот, три дена сум на улица!
Неверојатна приказна ни доаѓа од Романија, а зборува за ракометниот професионализам на романски начин. Хрватскиот репрезентативец Анте Кудуз (кој од следната сезона ќе ги брани боите на РК Вардар 1961) се наоѓа во исклучително тешка ситуација последните денови.
Сопствениците на станот во кој живее го избркале на улица затоа што клубот не ги исполнил своите обврски кон нив. Звучи неверојатно, бидејќи тој Динамо од Букурешт минатата година играше во Лигата на шампионите, но слушајќи ги другите кои се во слични околности, таа практика е очигледна вообичаена.
– На улица сум веќе три дена, со спортска опрема и неколку работи што ги носев од последното патување со клубот. Се вративме пред три дена од Клуж, околу три и пол часот наутро дојдов пред станот, но чуварите во комплексот каде што живеам рекоа дека не може да влезам во него, дека газдите влегле во станот, ја смениле бравата и си заминале. Ги молев да влезам во станот, барем да земам тоа што е мое, тие ми рекоа дека не можам.
Замислете како човек се чувствува во тој момент. Се јавив во клубот, тие ми рекоа дека ќе реагираат следната недела, а јас со себе немам ништо за живот, бидејќи сè друго е заклучено во мојот стан. Им реков дека нема смисла, дека ќе излезам со тоа, па тие рекоа дека ќе реагираат побрзо – вели Кудуз.
Споделувајќи го своето искуство, ова не му се случува првпат..
– Изминатото лето по подготовките имавме иста ситуација и чекав еден месец да се реши прашањето. Потоа повторно се случи слична работа со малку побрзо решение по еден натпревар на гости во Лигата на Европа и сега по трет пат. Не можам повеќе ова да го толерирам – додаде Кудуз.
Дали можеби има некоја причина, еве што вели хрватскиот плејмејкер:
– Не знам, според мене не, затоа што клубот е договорно обврзан да плаќа кирија. Не криев ништо, единствената причина може да биде фактот што ги информирав дека ќе одам во Вардар на крајот од договорот оваа сезона и тоа може да биде причината, но тоа секако не е начин – се зборовите на 26-годишниот Хрват.
Кудуз беше најдобриот играч на Динамо во последните две сезони и главната причина за нивниот успех во Европа. Но, очигледно тоа не значи ништо и навистина е неверојатно да се слушне таква приказна за професионализмот.