НОВИОТ ДУП ГИ ПОДЕЛИ МАЏИРМААЛЦИ: Ќе никнат ли хотели и згради на местото од овој „чир“ во градот?

фото: Слободен печат/ Д. Митрески

Новиот предлог ДУП на Општина Центар за Маџир Маало, ги разбранува жителите на оваа стара скопска населба. ДУП-от, кој предвидува изградба на 56 хотелски комплекси и 52 згради за станбено домување, едни го оценуваат како „Лас Вегас“, а други пак, како идеално решение да се смени овој, како што го нарекуваат Маџир маало, чир во центарот на градот. Жителите велат и дека се уште не добиле понуда од општината на кој начин ќе бидат обештетети ако се реализира ДУП-от.

„Слободен печат“ денеска разговараше со жителите на ова маало. На дел од нив не им е јасно каде сите предвидени градби ќе бидат сместени во овој дел од градот, каде ќе циркулираат возилата и каде тие ќе се паркираат. Според оние кои се незадоволни, не е предвидено доволно зеленило и велат дека  плановите предвидуваат да се сечат скоро сите веќе постоечки дрва. Предвидени се само 6 парцели со намена парковско зеленило или вкупно 0.26 % од целата површина, што според нив е многу малку.

фото: Слободен печат/ Д. Митрески

– Запознаен сум со новиот предлог ДУП за Маџир Маало. Јас сум роден тука и мислам дека ова е некоја наезда за градење и никнуваат згради каде што ќе стигнат. Искрено, не ми е јасно како се добиваат тие дозволи за градење и кој ги потпишува истите. Ние кога на времето баравме да ја реновираме куќата, да има некои стандарди, затоа што ова што го гледаде сега се субстандарди, бевме одбиени поради тоа што ќе било зелена зона. Од друга страна, овој предлог ми е неприфатлив, но треба да се разберат и луѓето поради тоа што има навистина сиромашни луѓе кои не можат да си дозволат да живеаат во подобри услови, па поради тоа и можеби се согласуваат за изградба на хотели и згради – вели Штефан Скале.

Ако се испочитува сега предвидениот Детален урбанистички план најголем дел или 60 отсто од ова маало ќе биде деловен простор, помалиот дел ќе се згради. Во деловниот простор, најмногу ќе бидат хотели, трговски центри, па и казина, велат жителите.

фото: Слободен печат/ Д. Митрески

– Искрено, немам зборови во врска со новиот предлог, поради тоа што не знам каде ќе бидат изградени тие хотели и згради. Секој од жителите на ова маало е со различни интереси, но некако мора да се реши. Има многу луѓе што имаат инвестирано во градење и реновирање на куќите, па поради тоа не знам како тие ќе бидат обештетени, а истото важи и за нас. Во нашиот дел е предвидено да се изгради зграда, а по нас хотели, на другата страна исто така, па казина, искрено планот е „лудница“ и се ќе се руши во овој дел. Ние потпишувавме петиција викендов, дека не се согласуваме со овој ДУП, и истата беше заверена на нотар и предадена во Општина Центар, но мислам дека не беше собран доволен број потписи, поради тоа што луѓето се многу поделени во врска со ова прашање – ни изјави една жителка на Маџир маало.

Има и такви кои сметаат дека во 21 век не е логично некои луѓе да живеат во субстандардни услови каде што немаат водовод, немаат атмосферска канализација и нормално, поддржуваат ваков предлог.

– Видете, јас разбирам дека по ова маало е препознатлив нашиот град, но да бидам искрен, јас сум за да се реализира овој ДУП. Причината е едноставна, не може во центарот на градот луѓе да живеаат без канализација, без асален водовод, во руинирани домови и во субстандардни услови. Да, има многумина што ги реновираа домовите или изградија нови, но со тоа се закочи целиот сообраќај на движење во овие тесни улички, сега можеби некои ќе претрпат штета, но други ќе добијат од тоа, а и маалото ќе биде изградено според некои стандарди – истакна друг жител на овој дел од градот.

фото: Слободен печат/ Д. Митрески

Од Општина Центар велат дека ќе ги земат предвид забелешките на граѓаните. Оттаму очекуваат конкретни заклучоци за месец и половина.

– Ситуацијата во Маџир Маало е следнава. Постои група на жители кои се против промената и усвојувањето на ДУП-от и поради тоа беа собирани потписи од нивна страна. Но има и друга група која е „за“, во смисла живеат во трошни куќи, немаат водовод, немаат атмосферска канализација и нормално дека поддржуваат ваков предлог. Ние за секој ДУП правиме јавна анкета и јавна презентација, по што ги собираме сите предлози и забелешки, па потоа се одржува расправа на седница на Општината. Во врска со тоа како ќе бидат обештетени жителите, ние имаме ангажирано планерска куќа, која што работи заедно со комисијата, со советниците, тука е и градоначалникот, и сите се вклучени во изработката на ДУП-от ќе се најде некој начин тоа да се регулира, доколку тоа се усвои и прифати – ни изјави портпаролот на Општина Центар, Емил Лазаревски.

[foogallery id=”134352″]

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот