Новиот Бундестаг: Најголем и најразновиден досега

Бундестагот/ Фото EPA-EFE/CLEMENS BILAN

Денеска почна конститутивната седница на Бундестагот со која започна мандатот на 20-тото свикување на германскиот парламент. 

Новоизбраниот Бундестаг има рекордни 736 пратеници, а во него има повеќе жени, млади и пратеници родени во странство во однос на претходното свикување. За првпат во собраниските клупи ќе седнат 282 избрани пратеници. 

На првата седница за претседател на Долниот дом беше избрана Бербел Бас од Социјалдемократската партија на Германија (СПД), која доби најмногу гласови на изборите на 26 септември. 

Иако првата жена на чело на германската влада најверојатно ќе биде заменета од страна на маж, Бербел Бас ќе биде само третата жена на чело на Бундестагот. 

Барбел Бас/ Фото EPA-EFE/CLEMENS BILAN

Една третина од Долниот дом се жени 

Меѓу пратениците ќе има и повеќе жени, кои ќе сочинуваат една третина од новото свикување на Долниот дом на парламентот. 

За разлика од десничарската Алтернатива за Германија (АФД), која ќе има само 13 отсто жени во своите редови, Зелените ќе имаат 59 отсто жени, вклучувајќи и две трансродови лица. Од редовите на Зелените доаѓа најмладата пратеничка во новото свикување – 23-годишната Емилија Фестер, додека најстар претставник на народот е копретседателот на АфД, 80-годишниот Александар Гауланд.  

Просечната возраст на пратениците е 47,3 години, што е помалку од претходното свикување, кога тоа изнесуваше 49,4 години, а четвртина од пратениците (26,2 отсто) се под 40 години, значително повеќе од 17,9 отсто како и досега.Во парламентот ќе има 50 пратеници до 30 години, а по изборите во 2017 година само 12.

Првата Афроамериканка 

Првата Афроамериканка Авет Тесфајесус, исто така од Партијата на Зелените, ќе влезе во парламентот, пишува порталот Локал Германија. Родена во Еритреја, таа дошла во Германија на 10-годишна возраст, станала адвокат и ја посветила својата кариера на одбрана на правата на имигрантите и барателите на азил.  

Зголемен е и бројот на пратеници кои не се родени во Германија или чиј барем еден родител е од друга земја. Сега ги има 83 и сочинуваат 11,3 отсто од пратениците, што е за три отсто повеќе од претходното свикување. Но, и покрај неговата поголема репрезентативност, Бундестагот, кој сè уште е главно составен од белци и мажи, не ја одразува различноста на најнаселената земја во ЕУ.  

Директорот на Сојузниот совет за имиграција и интеграција Дениз Нергиз изјави дека парламентот се уште е „далеку зад“ 26 отсто од германските жители со странско потекло.  

По отворањето на седницата, актуелниот претседател на Бундестагот Волфганг Шојбле повика на брза реформа на изборниот закон за да се спречи натамошно зголемување на бројот на пратеници, од кои сега има 27 повеќе од претходниот свикување, објави АП 

„Граѓаните оправдано имаат големи очекувања од парламентот и ние треба да продолжиме да правиме се што можеме за да ги исполниме тие очекувања“, рече Шојбле, кој е пратеник од 1972 година.  

Гостинката Меркел 

На денешната седница присуствуваше и канцеларката Ангела Меркел, иако повеќе не е пратеник, но седеше во делот за гости. Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер попладнево и официјално ќе ја разреши Ангела Меркел и нејзиниот кабинет од должностите, иако таа ќе побара од нив да останат на функцијата до изборот на новата влада.  

Канцеларката Ангела Меркел/ Фото EPA-EFE/CLEMENS BILAN

Трите партии кои се надеваат да формираат нова влада, Социјалдемократите, Зелените и Либералите (ФДП), минатата недела објавија дека имаат намера да изберат нов канцелар на почетокот на декември, но признаа дека имаат сложена задача.  

Коалициските разговори би можеле да траат со месеци, а доколку се постигне договор за таканаречената „семафор-коалиција“, Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на Ангела Меркел ќе оди во опозиција по 16 години, а ќе биде заменета од Олаф Шолц, актуелниот заменик канцелар и министер за финансии. 

Олаф Шолц/ Фото EPA-EFE/CLEMENS BILAN

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот