Новинска критика: „Две минути и четириесет реда“ од Александра Јуруковска

Книгата „Две минути и четириесет реда“ на новинарката Александра Јуруковска содржи осврти, критики и рецензии пишувани во еден долг временски период од петнаесетина години. Во основа, секој од овие текстови ја следи линијата на пишување критика за специфичен медиум – за радио или за весник, односно, за специјализирани книжевни списанија или веб-страници. Оттука, нивното обединување во книга е следење одреден континуитет во пишувањето текстови за критиката, што важи за не многу популарен жанр кај нас, а во неа, пак, уште послабо застапениот поим на новинска или радиокритика.

Делот „Две минути“ содржи избор текстови за радиоосврти и радиопретставувања пишувани и емитувани на фреквенцијата на Македонското радио – Радио Скопје, во периодот од 2003 до 2008 година, во рамките на авторската рубрика „Книга-фаворит“. Просечното траење на секој прилог било две минути.

Текстовите поместени во вториот дел од книгата – „Четириесет реда“, се новинска критика. Дел од нив се објавувани во дневниот весник „Дневник“, кога тој постоеше и имаше рубрика за култура, дел од текстовите се објавувани во специјализирани списанија за литература и култура, веб-страници и магазини, а сосема мал дел се напишани како промотивна реч за одредени автори, книги или зборници и манифестации. Текстовите ги следат стилските обележја на новинската критика, на згуснатиот новинарски израз, пишувани се во јасен стил и на разбирлив јазик, и наменети се за поширока публика.

– Во фокусот на мојата критика отсекогаш биле македонските автори. Сметам дека како книжевник и новинар имам одредена должност и/ли обврска да ги претставувам нашите современици, оти имаме одлична книжевна сцена на која ѝ требаат читатели. Оттука, најголемиот дел од текстовите се однесуваат на домашни писатели и наслови. Можеби е нескромно, но задоволна сум што во таа бројка од околу 40-ина осврти за наши дела, има многу текстови што биле/се единствениот објавен прочит за нив – истакнува Јуруковска.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 62, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 26-27 декември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот